Skip to content

10 нешта што треба да ги знаете доколку страдате во семејните односи

Семејството е основен агенс на социјализација, наша најголема поддршка и столб. Треба да се прифати фактот дека сите членови во него нема да бидат онакви какви што вие сакате да бидат. Постојат токсични семејни односи кои го претвораат животот во пекол. Посебно ако немате баш најдобри релации со членовите од вашето најблиско семејство. Прочитајте ги во продолжение десетте нешта што треба да ги знаете.

1. Личноста не мора да биде злобна во срцето, но не мора да бидете со неа секој ден ако е токсична

Не се сите токсични односи злобни и болни намерно. Некои од нив вклучуваат луѓе на кои им е грижа за вас, кои имаат добри намери. Но тие се токсични поради нивните потреби и начинот на кој живеат. Тоа негативно влијае на вас и вашата среќа. Колку и да е тешко, морате да се оддалечите од нив доволно за себеси да си дадете простор за нормален живот. Не можете секој ден да си го уништувате поради некој друг.

Вашата благосостојба треба да биде на прво место. Дали ќе поминувате помалку време со личноста, целосно ќе ја заборавите, ќе живеете далеку или повремено ќе се тргнете од болната ситуација, зависи од вас. Имате право да заминете и да создадете здраво место за себеси.

2. Токсичните луѓе често се кријат зад пасивна агресија

Однесувањето на пасивно агресивен начин има многу облици. Општо може да се опише како невербална агресија со негативно однесување. Наместо отворено изразување на своите чувства, личноста врши суптилни и вознемирувачки гестови насочени кон вас. Наместо да покажат што ги вознемирува, таквите луѓе наоѓаат различни начини за да ве вознемират. Очигледно станува збор за токсичен однос. Тој покажува како таа личност не разговара отворено и јасно со вас.

Некои луѓе не чувствуваат потреба да бидат пасивно агресивни ако се чувствуваат сигурно во изразувањето на мислите и чувствата. Со други зборови, нема да имаат потреба да се сокријат зад пасивната агресија ако знаат дека нема да бидат осудувани или критикувани поради своето изразување. Затоа треба на своите членови од семејството да им ставите до знаење дека ги прифаќате онакви какви што сте.

Не мора секогаш да се согласат со вашите идеи и мисли, но дека би сакале да ја имате нивната поддршка. Ако се грижат за вас, ќе се отворат целосно или барем делумно. Ако одбијат и продолжат со истото однесување, можеби нема да имате друг избор освен да се повлечете на некаков начин.

3. Обид за злоставување и доведување на друг под влијание ако им се дозволи

Често слушаме за злоставување во училишта, но најголемите злоставувања се случуваат меѓу членовите од семејството. Ова не е правилно. Нема слобода на Земјата која некому му дава право да нападне друга особа. Тажно, но некои луѓе едноставни нема да бидат среќни додека не стапнат на нечие его. Не им ја давајте таа слобода! Никој нема моќ да ве прегази колку што вие му ја давате таа моќ.

Потребна е голема храброст за да им се спротивставите на вашите непријатели, но и на своите членови од семејството и пријателите. Понекогаш злоставувањето доаѓа од особа од која најмалку очекувате. Направете сè што е потребно за да си дадете прилика да пораснете во она што сте во навистина.

4. Не е во ред да се правите дека токсичното однесување е нормално

Ако не сте внимателни, токсичните луѓе можат да го искористат нивното искривено однесување. Понекогаш ни се чини дека е полесно да се смират отколку да се ислуша нивното приговарање. Но не се залажувајте. Краткотрајното лесно решение на долги стази донесува тага. Тие не се менуваат ако се наградени за нивното однесување. Во овој миг, одлучете да не бидете под влијание на такво однесување.

Не се извинувајте за нивното насилство. Нема цел да се биде под постојана драма и негативност. Ако некој во вашето семејство има над дваесет години и не може да биде разумен, полн со почит, време е да станете и јасно да ја покажете вашата положба.

5. Не треба да се запоставувате себеси поради тоа што го прават тие

Вежбајте, грижете се за себе секојдневно. Ако сте присилени да живеете или работите со токсична личност, тогаш погрижете се да имате доволно време за одмор и враќање на силата. Односот со токсична особа исцрпува и уморува. Треба да се одморите за тој “отров“ да не премине кај вас.
Бидејќи не можете да го контролирате нивното однесување важно е да се грижите за себе за да останете урамнотежени.

6. Ако токсичното однесување стане физичко, тоа е правно прашање што треба да се реши

Доколку сте доживеале искажување бес или физичко злоставување и сте се обиделе да го решите на мирен начин, дури и сте го простиле, сепак сте го доживеале. Ако сте потрошиле години во труд, верба и љубов, а сте знаеле дека нема да ви бидат возвратени, вие сте херој! Но, сега е време да се оди чекор понатаму. Кога е доста, тогаш е доста. Ако некој ве малтретира физички, тој крши закон и треба да се сноси со последиците од своите дела.

7. Тешко е, но немојте да го доживувате лично нивното токсично однесување

Тоа се тие, не вие. Токсичните членови во семејството ќе се обидат да ви нанесат вина дека сте направиле нешто лошо. Бидејќи чувството на вина е најлесно да се пробуди кај повеќето од нас, истото може да ве повреди и да ја наруши вашата одлучност. Не дозволувајте ова да ви се случи. Сетете се дека постои голема количина слобода која доаѓа кога не прифаќате ништо лично.

Повеќето токсични луѓе не се однесуваат негативно само со вас, туку кон сите со кои се во контакт. Дури и кога ситуацијата изгледа лична, и ако сте директно обвинети, тоа нема врска со вас. Она што тие го прават и велат се мислења кои се однесуваат на нивните сфаќања.

8. Ако ги мразите поради нивната токсичност само ја зголемувате вашата токсичност

Како што еднаш рекол Ганди: „Око за око само ќе го ослепи целиот свет“. Без оглед колку негативно се однесувал одреден член од семејството, никогаш не дозволувајте омразата да влезе во вашето срце. Ако против омразата се борите со омраза само си нанесувате повеќе болка. Кога ќе одлучите дека некого мразите автоматски копате два гроба, еден за вашиот непријател, и еден за вас.

Забелешките се за оние кои тврдат дека нешто им должите. Простувањето од друга страна е за оние што се доволно силни и мудри да продолжат понатаму. Сепак, најдобрата освета е да не бидете како личноста што ве повредува. Најдобрата освета е да се живее добро, на начин кој создава мир во вашата душа.

9. Луѓето можат да се променат и некои токсични односи на долги патеки можат да се променат

Кога ќе се изгуби довербата, што се случува речиси во секое семејство во одреден момент, многу е важно да се знае дека тоа може да се поправи. Само ако двете страни сакаат да поработат на себе. Токму тогаш кога мислите дека се распаднал цврстиот темел на вашиот однос, се јавува прилика да се промени начинот на размислување и однесување од двете страни.

Навистина е тежок период, временски и душевно, па природно ќе сакате да заминете од сè ако мислите дека довербата нема да се обнови. Но, како што ќе сфатите дека довербата расте и паѓа како што минува животот, ќе ви биде полесно да пронајдете сила да издржите и да растете заедно. За ова се потребни минимум двајца. Сами не можете да го реализирате.

10. Некогаш треба да заборавите на тој однос засекогаш

Сепак се работи за вашиот живот. Не можете да контролирате сè што ќе ви направат токсичните членови, но можете да одлучите да свртите нов лист. Нивните однесувања и размислувања ставете ги накрај за да не ви ја црпат вашата среќа. Над сè можете да се одлучите со кого ќе одите рака под рака, а кого ќе оставите зад себе.

Во совршениот свет секогаш би можеле да се поправат односите со семејството, но како што знаете и сами, светот не е совршен. Вложете труд и правете го она што може да се направи. Но немојте да се плашите да го завршите тој однос и да го направите она што е најправилно.

Прочитајте ги и следните “златни правила“ од рускиот психотерапевт Андреј Курпатов.

Напишете коментар