Проза

Колку долго опстојува една љубов?

,,Нашата љубов ќе трае”, ми рече. Чудно го погледнав. Му реков дека јас не верувам во тоа. Тој се насмевна и ме бакна во образот.

,,Знаеш ли зошто?”праша. ,,Бидејќи ваква љубов само еднаш им се случува на луѓето. Ваква љубов, голема љубов, како нашата. Љубов во која се жртвуваш себеси, љубов во која го браниш другиот и љубов во која премногу сакаш. Сакаш што дури и болката на другиот чувствуваш дека ти ги крши коските, дека ти го распарчува срцето. Љубов во која сакањето нема граници. Љубов во која секој атом од тебе го љуби оној другиот.”

Јас молчев. Се трудев да избројам колку години би можело да трае сето тоа. Иако некаде длабоко во мене бев и повеќе од свесна дека сето тоа што го кажа е сосема точно. Но не сакав да ги признаам емоците. Се плашев. Дали стануваше збор за три, четири години? Можеби и десет? Или пак… стануваше збор за цел живот?

,,Се надевам дека ќе биде така”, тивко реков. ,,Ти си мојата прва љубов драги.”

  Ги затвори очите и воздивна. ,,Знаеш ли што имам слушнато? Дека првата љубов е доста убава работа, но само ако не е и последна. А ако е последна, тогаш таа е целосен пропаст.”

Му се спушти една солза по образот. Се запрашав дали навистина тој ќе биде и мојата последна љубов? Дали после него нема да има друг? Дали навистина нашето конче на судбината беше толку цврсто? Дали нашата љубов ќе ги издржи сите бури кои следуваа?

И дали сепак ќе биде способна да го положи испитот на времето? Ќе бидеме ли ние доволно храбри за да го издржиме сето тоа?

Тие прашања отворија голема дупка во моето срце.

Иако таму некаде, во еден агол од душата сепак чувствував дека тој е мојата прва и последна љубов.

Дека каде и да одам, повторно кај него ќе се вратам. Како патник кој заминува за да си олесни на себеси, но на крајот сепак се враќа во неговиот дом.

Тоа успеав да го сфатам дури и првиот ден кога погледнав во неговите смарагдни очи. Само што понекогаш луѓето немаат храброст да се соочат со вистините што се кријат во нивните души.

Автор: Викторија Саздовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје