Skip to content

Продолжен живот – Габриела Стоимановска

  • by

Велат после секој дожд доаѓа сонце, а на крајот на секој темен тунел има зрак светлина.

После сите тешки моменти кои ги преживеав, конечно ги надминав тешките мигови. Никој не вели дека е лесно да се биде различен, но не е невозможно.

Кога заминав во големиот град за да ги остварам своите желби и соништа сè беше толку тешко.

Многу пати си велев ,,Врати се дома, не си ти за овде”.

На секои 10 минути ја барав мајка ми, мислејќи дека ќе ми олесни ако ѝ го слушнам гласот. Заглавена помеѓу своите желби и навики, навистина не знаев што е вистинско и во кој момент.

Ги затворав очите и се навраќав во минатото, таму бев среќна. Семејството и луѓето со кои пораснав, едноставно тоа беше моето место.

Од ден на ден сè стануваше полошо, се плашев од помислата дека јас пораснав и беше време самата да се грижам за себе.

Постојано си го поставував истото прашање: ,,А што ако згрешам?”

Со текот на времето сфатив дека правењето грешки е нешто многу нормално, од грешките најдобро се учи. Не можев да верувам дека останав сама, ама тоа беше вистината. Првпат бев навистина сама и во град преполн луѓе.

Најсреќна бев во петок бидејќи тој беше симбол за среќа, за дома едноставно за повторно соединување со најблиските. Недела беше денот што го мразев иако не бев некој што сака да мрази. Најтешко ми беше враќањето во реалноста и новата недела исполнета со носталгија за дома, многу солзи горчливи како пелин.

Во еден момент се исплашив од помислата дека никогаш нема да бидам среќна како порано, дека ништо нема да се врати на своето место. Никој не рече дека ќе биде лесно, ама дека толку ќе ми се кине душата не верував.

После две години вистински сфаќам низ сè што поминав за да почнам со остварувањето на единствениот сон. Единствено што сакав беше да пораснам во личност што ќе ги брише солзите од лицата на моите пациенти. Бидејќи психичкото здравје е подеднакво важно колку и физичкото. Храбро чекорам кон својот сон, иако до тој ден има уште многу подеми и падови.

Никогаш немој да се откажеш од својот сон, бидејќи ти на тој начин ти се откажуваш од својата лична легенда, се откажуваш од самиот себе си!

Габриела Стоимановска

Напишете коментар