Skip to content

Продавачот на воздух

Продажбата некогаш била едноставна, се тргувало со стоки, истите ги разменувале, имало размена на добра и не постоеле високо развиени бизниси како денес. Сведок сум на технолошкиот развој што се случува веќе со децении. Постарите ми кажуваа како почнале уште како деца да работат на компјутери најчесто користејќи ги за компјутерски игри, и допишување, меѓусебна комуникација.

Потоа, технологијата земала сè поголем замав, постарите како баба ми и дедо ми морале да знаат да ги користат паметните уреди бидејќи им требало најмногу за на работните позиции. Уште од нивното време со само неколку кликови светот на сите им бил на дланка.

Денес е 11 Март 2092 година, се присетувам што се случувало пред половина век според зборовите од мајка ми. Велеше дека преживеала ужасна пандемија на некојси вирус КОВИД-19. Според нејзините кажувања сите требало да носат маски, да одржуваат физичка дистанца, да се дезинфицираат себе и предметите околу нив, да чистат кваки од врати. Кога ќе ги погледнам денешните врати без квака, би ми било чудно сега ако треба вратите да ги отворам со помош на кваки. Бидејќи сега е сè со помош на допир, клик или сензор. Луѓето што биле погодени од вирусот се бореле за здив, а многумина ја загубиле битката во обид да дишат. Ужасно нели?

Роден сум во 2022 година, а токму денес полнам 68 години и во мојот живот поминав многу. На свет сум дошол две години после големата пандемија и посведочив некои слични пандемии на споменатата, но со многу помалку жртви и во помали размери. Да беше жива мајка ми сега ќе речеше „Блазе вас денешните генерации, во времето на баба ми да знаевте какво било“!

Само не знаеше колку грешеше, Бог да ја прости. Не успеа да доживее многу мои достигнувања, како и битките со кои војуваше светот по нејзиното заминување. Можеби нас во многу аспекти ни беше олеснет животот, но не бевме поштедени од борба за подобро утре. Само да можеше да види како сите вишок градби никнуваа на секој агол. Старите објекти беа реновирани, силата што ја имаа главните овозможувајќи им на одговорните да си прават што сакаат нè кошташе сите прескапо.

Знаете ли колку многу чинеше тоа? Зелените површини од Земјата се смалија до степен што беше запрепастувачки, а нови зеленила, дрвја ни на повидок. Флората стануваше сè помала со секој изминат ден, и како никому да не му беше грижа за истото, барем таков беше мојот впечаток. Огревот со дрва одамна е минато, новиот топлотен природен и прилагодлив сончев систем што беше вграден во сечиј дом во подовите и ѕидовите барем беше една вистински вредна олеснителна околност. Ако ништо друго, секогаш бев благодарен што зимите, но и во сите други годишни времиња, имавме топли простории, подови и топла вода.

Луѓето се менуваа со промените што се случуваа последниве четири децении, ако не грешам. Всушност, убеден сум дека сум во право. Го потпишувам ова со целото мое животно искуство. Сега ќе ви кажам и зошто. Добар дел од професиите исчезнаа, работниците мораа да се преквалификуваат. Занаетите што имаа останато речиси и да изумреа сите, или се појавија некои нови нивни варијанти, унапредени. Ние бевме првата генерација што ја нарекоа златната генерација на пост-модерната златна ера, во нас се положуваа сите надежи за спас на светот.

Преживеав многу лични и општествени битки, прошетав насекаде низ светот благодарение на лесниот, достапен воздушен, патен и морски сообраќај. Ако можам да одберам кои спомени би ги издвоил, несомнено ќе бидат патувањата со моите најдраги, сопругата и децата. Вака им раскажувам на внуците, преку записите што ги пишувам во дневников бидејќи сега се многу мали за да разберат. Пишувам во надеж дека еден ден ќе успеат да стигнат до овие мои исповеди што ќе им ги оставам во наследство.

Та тие со нив нека прават што сакаат, само нека ги прочитаат. И само нека ги разберат, за да ја сфатат суштината на животот. За да разберат дека времето минува, а спомените мора да се прават и единствено тие ќе останат после нас. Од најлошите сеќавања ги издвојувам овие што ги доживувам во мојата старост. Не успеавме да се избориме за чист воздух, стигнавме до степен да треба да плаќаме за истиот! Не е исто да се вдишува приклучен на апарати, да си длабоко во водата под морето.

Не е сеедно да треба да платиш за да можеш да дишеш. Не знам кое е од овие е најтрагично. Но со жал изјавувам дека златната генерација успеа во многу работи. Медицинските напредоци се од досега невидени размери и сум длабоко благодарен. Единствено ми е криво само што не успеа да го зачува чистиот и целосно достапен воздух.

Можеби не дишеме преку маски за лице, апарати или цевки, но го купуваме она што постои природно во нас. Нешто за кое човекот никогаш не би требало да се грижи дека ќе го снема додека е жив. Постојат илјадници компании што продаваат филтери за прочистување, како и посебни уреди што вештачки предизвикуваат кислород.  Ги има на секој чекор, а луѓето за нив плаќаат даноци секој месец.

Со новите професии никна и новата, склоп на хемиски и физички дисциплини. Физио-хемичарите учеа да произведуваат вештачки кислород кој потоа требаше масовно да се користи. Не сум премногу горд на својата генерација, но колку што е благородна мојата професија исто толку се срамам што стигнавме до овде. Можеби им помагам на луѓето полесно да дишат, и да не се борат за воздух, но истото го наплаќам. Јас сум еден од производителите на кислород, кој истиот го продава.

Напишете коментар