Skip to content

Амир Ор – добитник на Златниот венец на поезијата за 2020

Амир Ор (1 јули 1956, Тел Авив) – израелски поет, романописец и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност, чии дела се издадени на 50 јазици. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2020 година.

Автор е на 13 збирки поезија. Најновите книги на хебрејски се Пророштво на Лудиот (2012), Плен (избрани песни 1977–2013), Крилја (2015) и Дете. Ор исто така објавил фиктивна епопеја во стихови, Песната на Тахира (2001) и новелата Кралството (2015) за животот на кралот Давид и современото општество.

Во 1987 г. Ор дебитира со Гледам низ очите на мајмунот за која ја добива книжевната награда „Хари Харшон“ на Еврејскиот универзитет. Неговите книги Лица (1991), Откупнина на мртвите (1994), Па! (1995) и Песна (1996) следат потоа. Објавил голем број написи, статии и есеи за книжевност, општество, компаративна религија и за класиците, а пишувал и книжевна колумна за „Хаарец“. Неговите избрани есеи Дискурс биле објавени во 2018 година. (Hakibutz Hameuhad publishers, TA).

Во 1990 година Ор го основал Друштвото Хеликон за напредок на поезијата во Израел. Во 1993 година ја формирал Арапско-еврејската поетска школа Хеликон, каде што развил пионерски интегрирани методологии за учење на креативно пишување. Ор предавал во Израел, САД, Европа и Јапонија. Во 2001 година го основал Меѓународниот поетски фестивал „Шаар“ и работел како негов уметнички директор.

Ор работел како главен уредник во списанието Хеликон, како и на серијата поетски збирки издадени подоцна. Бил уредник и на други книжевни списанија, како и на неколку антологии од хебрејски и на различни европски јазици. За неговите уреднички придонеси, тој е добитник на Наградата за уредништво на Министерството за култура во 2017 година.

Прочитајте две песни од неговото богато творештво во препев од Зоран Анчевски.

Орлова песна

Облечен во природата на дрвото,
се одморам во сопствената сенка.
Моето јас од вода
тече по карпи
со други јаства
во мазно единство.

Штом небото ми се наоблачи
ја облекувам природата на громот,
го празнам товарот на мојата моќ
и си ги полевам земните јаства.

Потоа се разведрувам, носам долго, бело перје
од еден до друг крај на хоризонтот
и ги опкружувам сопствените синори,
ги заокружувам небесните рабови.

 

Гледам низ очите на мајмунот

Не беше попусто што ги чекавме варварите,
не беше попусто што се собравме на градскиот плоштад.
Не беше попусто што нашите првенци ги облекоа свечените рува
и ги вежбаа свечените говори подготвени за настанот.
Не беше попусто што си ги срушивме храмовите
и кренавме нови во чест на нивните богови.
Како што е редот, ги запаливме нашите книги
што не содржеа ништо за луѓе како нив.
Пророштвото се исполни и варварите стасаа,
ги зедоа градските клучеви од раката на царот.
Но штом стасаа тие се облекоа во градски рува,
обичаи им станаа обичаите на земјата,
а кога почнаа да ни заповедаат на нашиот јазик
повеќе не знаевме
кога тоа варварите стасале меѓу нас.

Препев на македонски: Зоран Анчески

Напишете коментар