Skip to content

Ангелот на Илија – Силвана Панева

  • by

Малиот Илија со нетрпение го чекаше татко му на прагот на куќата на баба му. Од далеку го здогледа автомобилот и со раширени раце и насмевка отрча да го прегрне. Имаше голема поврзаност на синот со таткото, сплетот на животните околности ги сплоти силно и нераскинливо.

Детето на другарчињата им зборуваше дека неговиот татко има натприродни особини, слични на Бетмен и Спајдермен. Всушност, тој работеше во болница и како лекар секојдневно спасуваше луѓе, исто како хероите од омилените филмови. Додека го прегрнуваше најсилно што може, го праша нешто што неколку денови не му излегуваше од неговата паметна глава:

– Тато, не можам да се изначудам зошто не си ја спасил МАМА и си дозволил да умре, веднаш после моето раѓање?

– Затоа што мајка ти беше добра како Ангел, мораа да ја земат Ангелите на небото и така заедно да ги штитат луѓето на земјата – со треперлив глас му одговори на Илија.

– Леле! Колку убаво! Ти ќе ме заштитуваш од земјата, а таа од небото. Нели, тато!

– Да, сине ама мораш и самиот да внимаваш на себе – рече татко му.

Младиот лекар никогаш нема да го заборави тој Илинден, кога на свет дојде синот Илија. Откако го роди детето со Царски рез, по неколку часа се закомпликуваа работите, наеднаш ѝ скокна притисокот и за кратко време умре неговата прекрасна жена. Лекарите велеа дека случајот бил редок, еден во десет илјади и никако не можеле да ѝ помогнат на младата мајка.

Како специјализант по хирургија знаеше дека има непредвидливи смртни случаи, но се прашуваше: зошто токму ним им се случи тоа? До ден денешен не успеа да го добие одговорот. Скршен од болка, но и свесен дека во неговиот живот постои некој на кој му е потребна неизмерна љубов и грижа. Се обиде да ја потисне болката од големата загуба, и заедно со мајка му имаа полна работа со плачливото бебе.

По неполна година се врати на секојдневните обврски, вредно учеше и за две години стана хирург во една приватна болница. Грижата за Илија продолжија да ја делат со мајка му, тој го носеше а таа го земаше од градинка. Секако дека не очекуваше толку лош крај на жената што ја сакаше, но , поради детето и себе мораше да се справува со проблемите што животот ги носи.

Подоцна имаше неформални врски со неколку девојки, во ниту една не беше вљубен, ниту тие во него. Тоа беа само обиди да си ги залечи раните и да ги задоволи сопствените нагони. Всушност не е подготвен повторно да се вљуби, убаво се снајде во улогата на татко и се плашеше присуството на жена, да не им ја расипе хармонијата со Илија. Детето никогаш не почуствувало мајчинска љубов, но, тој се потруди да му биде најдобар татко.

На неговата клиника, пред некој месец запозна млада лекарка, имаше природна убавина и не падна пред неговиот статус и скапиот автомобил, како претходните. Постоеше нешто во таа девојка што не му даваше мирно да спие, воопшто не личеше на починатата жена, но многу го привлекуваше. Внатре во себе водеше војна, не знаеше како да ги усогласи љубовта кон детето и девојката која веројатно нема цел живот да чека, за тој да одлучи.

Откако го зеде Илија, се упатија кон Градскиот парк и таму решија да го поминат топлиот октомвриски ден. Тој седна на клупата и разговараа по мобилен телефон со колега, за состојбата на еден пациент, а детето со топката маневрираше низ паркот. По неколку минути со очите го бараше синот, но, погледна лево и десно и не успеа да го види. На колегата му кажа дека повторно ќе го побара и исплашено почна да вика по Илија.

Многу лоши сценарија му се вртеа низ главата, срцето му работеше стотка на час, додека панично го бараше. Наеднаш од пристојна далечина го виде Илија, сосема смирено за рака ја водеше девојката поради која тој патеше во тишина. Збунето ги гледаше, и на младата лекарка не ѝ беа јасни работите. Но Илија, со својата детска наивност веднаш ги разјасни работите:

– Тато, трчајки по топката отидов многу далеку, и кога се свртев тебе те немаше. Кога почнав да плачам, ми пријде мојата нова другарка Нина, ме смири и ми вети додека не те најдеме нема да се раздели од мене. И навистина си стоеше на зборот.

– Многу личи на девојката на Спајдермен. Нели тато!

Младата лекарка исто така се изненади и збунета не знаеше што да каже, срамежливо изусти дека не знаела дека е негов син, а насмевката не ѝ се симнуваше од лицето. Не знаеше од каде му дојде ненедејната среќа, се израдува и го прегрна Илија без да му се развика. Во таа необична ситуација шармантната лекарка и синот беа до него, само тоа му беше важно. Илија, пак, со едната рака ја прегрна неговата спасителка, и така тројцата се најдоа во заедничка прегратка. Детето, бликаше од среќа и кажа:

– Тато, може ли да ја одведам Нина кај нас да и ја покажам мојата соба?

– Може Илија, само треба другарката да ја прашаш – шеретски кажа тој.

Ниту Нина не беше рамнодушна кон хирургот, сепак слушна дека имал дете, а дел од медицинскиот персонал потврди дека сите жени ги споредувал со покојната. Не сакаше да биде ничија замена и се обиде да се отргне од прегратката на симпатичното дете. Но, Илија ја погледна со своите сино – зелени очи и милно ја замоли:

– Те молам Нина, дојди кај нас. Ти ветувам дека со татко ми ќе те вратиме дома точно на време. Нели тато!

– Секако сине!

Откако размисли неколку минути, Нина го фати Илија за рака и тргнаа заедно кон автомобилот. А лекарот не го криеше задоволството и тивко на ушето и шепна:

– Којзнае, можеби ова е само почеток на едно прекрасно пријателство! Или, пак, на многу подлабоки чувства!

Лицето на девојката стана црвено од зборовите што пред малку ги слушна, а Илија ги впери очите кон небото и силно викна:

– Ти благодарам на убавиот ден, мамо!

 Силвана Панева

Напишете коментар