Skip to content

3 фантастични книги како предлог за претстојната седмица

Во денот секогаш треба да одвоиме малку време за да нурнеме во богатствата што ни ги нуди една книга.

Ви даваме три предлози за извонредни книги од турските писателки Елиф Шафак и Нермин Јилдирим, кои со помош на нивните зборови рушат голем број на стереотипи.

Чест – Елиф Шафак

Две сестри близначки се раѓаат во едно традиционално курдско село, во кое најголемиот чеиз на жената се нејзината чистота и покорност.

Животот ги носи по различни патишта – Џамила останува бабица во родниот крај, а Пембе „по грешка“ се мажи за да го види светот.

Нејзините деца го бараат своето место под лондонското сонце: седумгодишниот Јунус се здружува со панкерите сквотери, бунтовната Есма се бори против родовата нееднаквост, а најстариот Искендер станува глава на семејството откако татко им ги напушта.

Заробено во стегите на минатото и традицијата, целото семејство е неповратно урнисано поради едно морничаво злосторство – убиство од чест.
Возбудлива драма исткаена од бремето на минатото и безвремените морални дилеми.

Низ богатата палета од ликови, Шафак ги истражува судирот меѓу традицијата и современоста, другоста во западното општество, како и човековото право на слобода и љубов.

Часови по заборав – Нермин Јилдирим

Ако имавте можност да ги избришете миговите од вашите животи од кои се срамите, од мигови што ве растажувале, или се случиле не по ваша желба, колкумина од вас би го избрале овој метод?

Но, за да се заборават , првин е потребно да се запомнат.

Часовите по заборав ве водат во најдлабоките води на љубовта, мината и сегашна, во бездната на срцето, во непрегледните падини на умот и во бескрајното кралство на мечтите.

Тајна отсонувана во Истанбул – Нермин Јилдирим

Пилар се сомнева дека нејзиниот сопруг, кој одеднаш исчезнува, е во некаква неволја во Париз. Но, во полицијата дознава дека тој се вратил во својот роден град Истанбул.

Решена да го најде, со себе го зема и неговиот дневник во кој тој ги запишувал своите соништа. И во него има еден сон, нецелосен и распарчен, што од некоја причина му предизвикува чемер и столченост.

Ова е една навидум наивна љубовна приказна, каде се прикажуваат стереотипите со кои се соочуваат паровите од различна вероисповед.

 

Напишете коментар