Skip to content

Ах, возот замина – Благица Бунтеска

  • by

Возовите доаѓаа и заминуваа секојдневно, поврзани со шински вагони влечени од локомотиви, полни со весели и тажни патници.

Со возот Ана и нејзиниот сакан Лео, отпатуваа од својот роден крај,  во јабана на печалба. Разделбата беше тешка, а можеби и последна средба на Ана со нејзината мајка, која што беше со кревко здравје. Таа се разделуваше и со своите најблиски, но најмногу жалеше за нејзината мајка. Возот полека ги повлекуваше  вагоните полни со патници.  Ана застаната на прозорецот ги гледаше присутните на железничката станица, искпрајќајќи си топли поздрави и бакнежи на своите со солзи на очи.

Некои ги прикриваа солзите, додека пак солзите на нејзината мајка постојано се тркалаа и не пресушуваа. Сликата беше многу тажна, како за тие што остануваа, а уште потажна беше за оние кој заминуваа на далеку. Можеби ги мачеше помислата за многу неостварени соништа, кога  ќе им се случат  повторно средби со своите, какви ќе бидат истите, дали за добро или за лошо…

Возот ја  засилуваше  својата брзина. Ана не се помести од прозорецот, барајќи ја со поглед својата истоштена и нажалена мајка. Таа се поткрена на прсти, да погледа од повисоко. Цврсто се држеше со рацете на прозорецот за да погледне подобро и можеби за последен пат да ја види својата сакана мајка. Тогаш Ана беше изненадена од гледката. Ја виде нејзината мајка, како трча покрај возот, да испрати свое чедо во туѓина.

Но, возот веќе замина. Мајката на Ана тогаш силно извика: – Ах ,возот замина. Ана сакаше силно да врисне од болка и тага. Во тој момент таа ја виде својата мајка, како се сруши на перонот. Долго, долго ја гледаше размислувајќи што и се случи, ја гледаше во далечината како една точка. Разделбата беше болна, тешка, неизмерна и на двете солзите не пресушуваа, срцата им трепереа од болка. Ана, да можеше и имаше сила,  сакаше да се врати кај нејзината мајка, да ја крене и гушне нејзината мила заштитничка да и каже: – Не жали мајко, одам во туѓина за подобар живот и подобро утре.

Точката во далечината се изгуби, од експресната брзина на возот. Тогаш Ана се приближи и  седна до саканиот Лео во купето, видно натажена и замислена

Извесно време Ана не зборуваше, сигурно размислуваше за болката во градите на нејзината мајка, колку е голема?

 Можеби и јас со тек на време ќе осетам на своја душа таква тежина, размислуваше Ана.  Тогаш ќе знам што значи мајка, која е една, единствена на светот.Таа мала пчеличка, најголема лавица со силно лавовско срце издржува, сè што ќе дојде пред неа, таа своите тешкотии ги пребродува, со полно езеро солзи мајчини, само така душа си олеснува.

Нејзиниот Лео милно ја гушна, ја утеши со неговиот бакнеж по нејзиното расплакано лице. Тивко ѝ шепна и ѝ рече: – Да продолжиме по патот, ќе бидеме среќни и двајцата, да стигнеме среќно до целта, каде ќе започнеме нов заеднички живот.

Двајцата сложно си живееа. Си оформија свој дом со милни дечиња трудољубиви и двајцата работливи, си печалеа пари печалбарски. Носталгијата беше голема , преголема по својот роден крај. Веќе дојде ден да ја посетат својата родина, но не со голема радост и средба со најмилите, бидејќи животот беше непредвидлив.

Се случија многу промени, во време на нивно одсуство од својот роден крај. Нејзината  мајка тешко се разболе, после разделбата и заминувањето на Ана во туѓина, за жал нејзината  мајка почина. Ана  повеќе не ја сретна, не ја виде, не ја гушна, за која жалеше неизмерно. Нејзината ќерка Ана, го посети само студениот камен на нејзиното вечно почивалиште. Мајката на Ана, не успеа да ги виде своите најмили внуци по кои толку многу чезнееше, а нејзините внуци не ја видоа и запознаа својата  сакана баба, за која што многу  им раскажуваше нивната мајка Ана.

Благица Бунтеска

Напишете коментар