Skip to content

Деновите што ги имаме на располагање се шанси што не смееме да ги занемаруваме

Сите денови не се исти. Не можат да бидат секогаш убави, средени и успешни. Некои денови се предодредени да бидат хаос со еден збор. Во нив можеш да се чувствуваш тажно, збркано, неугодно и без некоја посебна причина.

Сите имаме такви денови. Ништо страшно, ниту крај на светот. Кога ми е таков денот, знам дека ќе помине. Но, не можам туку така да ги заобиколам мислите што ми доаѓаат тогаш.

Внимателно следете ги вашите емоции. Тие не се јавуваат без причина. Ако не можете да ги препознаете, со текот на времето ќе знаете да ги разграничите. Потоа ќе ги научите нивните извори, само немојте целосно да ги занемарите.

Внимавајте и на времето, и на грижата за себе. Сите имаме на располагање 24 часа во текот на денот, но тоа си одминува и не нè прашува. Ниту нè чека. Кога ќе погледнете во текот на денот и ќе се запрашате што сте направиле за себе, ако не сте си посветиле барем 30 минути, сторете го тоа следно. На вашиот часовник имајте „точно време само за себе“ и не го пропуштајте. Како што не пропуштате да поминете два часа скролајќи по социјални мрежи.

Љубовта кон себеси е клучна

Сакајте се себеси во сите денови, и во лошите, но и во подобрите. Кога ви е тешко сакајте се, кога ви е убаво сакајте се уште повеќе, но без претерана горделивост и суета.

Вие сте оние што себеси се познаваат најдобро. Ако не се познавате, време е да се запознаете. Познавајќи се себеси подобро, ќе ви биде полесно да ги запознаете и другите.

Деновите што ни се на располагање се подарок што ни е даден. Денес се разбудив и благодарна сум за уште еден нов ден. Истиот тој е еднаков на нова шанса. Утре веќе е нов ден, тој истиот ќе стане вчера.

Времето навистина пребрзо си одминува. Природен тек на нештата. Ништо страшно ниту трагично. Ние старееме, односно стануваме помудри, созреваме. Уште еден поприроден тек на нештата што не можеме да го спречиме. Барем не внатрешно, и хронолошки, освен визуелно.

Што ни преостанува? Да ги искористиме максимално подарените мигови што ни се на располагање, кои не можеме да ги вратиме назад!

Напишете коментар