Skip to content

Митот за Атлантида, дали најстариот и изгубен град конечно е пронајден?

Атлантида (или Атлантика) е опишана во предмети и книги од античкото време како остров во морето на запад од познатиот свет, близу до Карпите на Херкулес (веројатно Гибралтар). Не е дел од познатата географија во тој период. Се мисли дека земјотрес го потопил древниот град во океанот.

Првпат се споменува во дијалозите Тимaј и Критија, напишани околу 360 години пред нашата ера од грчкиот филозоф Платон.

Според приказот на Платон, Атлантида лежи „зад столбовите на Херакле“ и таа била поморска сила која освоила многу делови од Западна Европа и Африка уште 9.000 години пред времето на Солон или приближно 9500 п.н.е. По неуспешниот обид да ја освои Атина, Атлантида потонала во океанот наеднаш „во едно несреќно деноноќие“.

Како сторија вклопена во платоновите дијалози, на Атлантида генерално се гледа како на мит кој бил создаден од Платон за да ги илустрира неговите политички теории. Иако функцијата на сторијата за Атлантида им изгледа јасна на повеќето научници, тие, се расправаат околу тоа дали платоновиот приказ бил инспириран од некои постари традиции.

Некои научници тврдат дека Платон ги имал забележано сеќавањата за минатите настани како што се Тројанската војна и ерупацијата на Тера (т.е. островот Санторини). Додека пак други тврдат дека се работи за понови настани, како што се уништувањето на Хелика во 373 п.н.е. (град на Пелопонез што исчезнал преку ноќ). Или неуспешната инвазија на Атина врз Сицилија во 415-413 п.н.е.

Арапските географи кои ја пропагирале приказната за Атлантида и средновековните автори од Европа сметале на ова како факт.

Атлантида во грчката митологија

Грчките митови велат дека Посејдон се заљубил со смртна жена од Атлантида која се викала Клито, ќерка на Евенор и Леусип. Клито му родила 5 пара близнаци, сите момчиња. Најстариот син, Атлас, станал првиот крал на Атлантида и владеел над планините и околната област, а неговиот брат-близнак, Гадеирус, го добил надворешниот дел од островот, сè до Карпите на Херкулес.

За да ја заштити Клито, Посејдон издлабил замок во централната планина и ја опколил со вода и копно. Замок во чест на Посејдон бил изграден на врвот на планината.

Главниот град бил сместен надвор од овој прстен со вода. Под модерниот град имало плодно земјиште, и поради добрата клима во Атлантида имало и по 2 жетви годишно.

Атлантида била просперитетна и прекрасна, и ги напаѓала нациите сè до Египет – но не успеале да ја покорат Атина. Како што вообичаено се случува со најмоќните нации, Атлантида станала корумпирана и уништена од алчност и моќ. Зевс, богот над боговите, ги собрал и другите богови со цел да одреди казна за жителите на Атлантида.

„Но подоцна таму се случиле катастрофални земјотреси и поплави, и еден пеколен ден кога ноќта паднала над нив, кога сите тела на воините ги голтнала Земјата, островот Атлантида го голтна морето и исчезна“ – ова се писанијата на грчките историчари.

Дали Атлантида е пронајдена?

Океанографите, професорите и оние кои ги сакаат теориите на заговор ја сместуваат Атлантида секаде на светската карта. Од остров во Егејското Море (Тера, односно Санторини претрпел земјотрес во 1640 година ПНЕ, и исчезнала постоечката мијонска цивилизација). Потоа до Канарските Острови, Куба, Гибралтар, Сандаленд, Скандинавија, и многу други.

Со оглед на тоа што многу антички цивилизации – како Троја, долго се сметале за мит, постои можност археолозите некогаш да ѝ ја најдат трагата на Атлантида.

Погледнете го видеото во кое се зборува за истрагите за наоѓање на можните траги од изгубениот град.

„Платон ја опишал точната локација, сè што правевме беше дека го следевме неговиот пат како што древните морепловци патувале во градовите“. – се спомнува во видеото.

Напишете коментар