Skip to content

„Приказни од животот“ од Снежана Паноска излезе од печат

Деновиве од печат излезе збирката раскази „Приказни од животот“ од авторката Снежана Паноска. Во продолжение прочитајте ја кратката биографија од писателката. И запознајте се накратко со содржината од нејзината најнова книга. Издавањето на книгата е поддржана од Министерството за култура.

Снежана Паноска е родена е 1955 г. во Струмица. По занимање е дипломиран економист. Пензионер. Работи и твори уште од најмладите години членувајќи во Литературните секции во своето основно училиште“Маршал Тито“ и во гимназијата “Јане Сандански, во својот роден град.

Има објавено пет стихозбирки поезија “Песни од мојата душа“, “Илјада ѕвезди“, “Слики од животот“, “Животен копнеж“ и “Брзозборливо“ (стихозбирка за деца).

Збирката  раскази ,,Приказни од животот“ е составена од триесет  раскази. Стилот во нив е слободен. Неговата големина е во едноставноста и прецизноста на размислите. Расказите се читаат со внимание, за да ја доловат својата суштина и големина.  Потресни,  драматични, измислени или вистинити, реални случувања од животот. Топли,  мили, понекогаш многу трогателни, спомени за младоста , за болките, страданијата и љубовта.

Тие немаат за цел да ви се наметнат или станат големи, само сакаат да влезат во размислите и срцето на обичниот читател.  Пишувани се без непотребни појаснувања и нафрлања на зборови, но сепак течни, а стегнати во својата визуелна прецизност.  „Збирката, доколку излезе пред светлото на денот, е моја  шеста по ред,  а прва збирка  раскази.Таа има за цел само да им ослободи место на уште две готови збирки поезија  за возрасни и една збирка поезија за деца…“, вели авторката.

Приказни од животот (кратка содржина)

„Семејството е основната, фундаментална база врз која се гради секоја личност, сите ние растеме, созреваме и ги зацврстуваме младите фиданки, прво во кругот на семејството. Семејството е основниот мотив во збирката раскази „Приказни од животот “ на Снежана Паноска .

Да се пишува за прозата на Снежана Паноска, значи дека е голем одговорност и задоволство, бидејќи после читањето на секој сегмент од оваа збирка раскази се отвара еден огромен предизвик на непознатото облечено со сопствените чувства.

Нејзините раскази во збирката „ Приказни од животот “, всушност се како  магичност што успева да ги разбранува чувствата кај секој читател, кој знае и го почитува семејството, заедно со сите спомени од детството, младешките години, саканите.

Мајсторството во водењето на епскиот набој и внимателно одбраниот дискурс, Снежана Паноска, мошне специфично го контролира и токму тој наплив на емоции, таа стерна од чувства и лавина од мечти ги ткае во килимот со најмногу шари кој едноставно е наречен живот.

Токму во овој животен шарен килим ги има сите бои кои виножитно се прелеваат и во тој светоглед, што секој расказ го создава и пред нас остава своја трага. Таа хармонија на чувства од расказите продолжува да владее со нас и да  нé тера да го гледаме нашиот живот многу посмирено и со доза на радување, зошто се уште сме тука и се уште сме моќни да ги држиме конците на нашиот разбој.

Ликовите што се носители на тежината на семејните приказни со сите болки и радости, мечти и сладости, се навидум обични луѓе кои во суштина имаат длабочина и тежина во создавањето на нивниот лик, каде мајсторството на авторката докажува кој ги удира „брдилата во нишките со совалката“

Водењето на раскажувачкиот опус на Снежана Паноска, прераснува во сенаечки раскажувач кој е присутен во секој збор и секој сегмент од расказите.

Водењето на нараторството кај Снежана Паноска отвара цела пештера со карпесто богатство на карактери, животни клопчиња, блескави скапоцени камења од добри и лоши табиети кои го красат времето што поминало додека животните болки сè уште останале да печат со своите сеќавања.

Издвојувањето на неколку ликови врз кои се истурило поголемо количество на боја за разлика од другите ликови, само значи дека Снежана Паноска покрај тоа што со збор умее да создава приказна, таа несомнено знае и да црта преку моќта на зборот и силата на дескрипцијата.

Низата на метафорично претставување на стожерните и епизодните ликови и фабули, ни дава простор за размислување што всушност се крие зад целата таа фраза, солза, гестикулација или лелек, што авторката на мошне скриен симболичен начин преку збор го испраќа  до нас како порака која ќе нé научи како да се справиме со многу лавини во животот.

Градејќи ја кулата од ликови и судбини во семејните приказни низ болките и среќата, впрочем, дознаваме дека ние сме само читатели и учесници или неми сведоци на истите тие болки и емоции во создавањето на сопствениот килим кој цело време го ткаеме, се радуваме на неговите бои и го постиламе пред себе да биде основа на нашето стоење, опстојување и движење по него самиот.

 Бидејќи сите стоиме исправени пред товарот  на сите животни радости, приказни и болки од животот, за таа цел  со задоволство препорачувам оваа збирка раскази  „Приказни од животот“, од Снежана Паноска да биде дел од вашата домашна библиотека“. – пишува во рецензијата професор по Македонски јазик и литература Цеца Видова-Трајческа

Напишете коментар