Skip to content

Не ми недостасуваш – Александра Стојановска

И после толку години се штрекнувам кога некој ќе го спомне твоето име. Длабоко вдишувам од парфемот на некој странец додека чекаме на пешачки премин. Многу луѓе користат ист парфем. Многу парфеми се причина за ураган од чувства. И после толку години ми се тресат колената кога ќе те сретнам некаде.

Се обидувам да најдам логична причина за да заминам во спротивен правец. Забележувам дека истото го правиш и ти. Го забавуваш чекорот и бараш излез, но денеска сите одлучиле да ги затворат дуќаните и продавниците. Нема каде да се сокриеш. Си заборавил.

Овој ден е празник на нашиот град. Си заборавил дека точно пред шест години се договоривме да излеземе на кафе. Секаде беше преполно, па моравме да земеме кафе за носење. Седевме на една скриена клупа во паркот, единствената слободна. Можеби затоа што беше сокриена никој не ја забележал.

Седевме со часови и разговаравме за најразлични глупости. Ја запаметив секоја ситница што ја спомнавме. Ја запаметив и твојата насмевка. Толку многу искрена. Топла. И после шест години ние станавме тотални странци. Сепак несигурно зачекоруваш кон мене. Сфаќам дека е неизбежно да поминеме еден покрај друг. Високо ја кревам главата и се трудам да чекорам колку што е можно постабилно.

Се молам да не ме издадат колената и да не се струполам пред твоите нозе. Ми се приближуваш на неколку чекори и започнуваш разговор со мене. Тоа е разговор меѓу двајца познаници. Се надевам не забележуваш колку многу ми се тресат рацете и морам да ги држам прилепени до телото. На крај ме прашуваш за новиот дечко.

Забележувам чуден сјај во твоите очи, знам дека ова е трик-прашање. Доколку одговорам дека немам никој во животот ќе мислиш дека сè уште страдам по тебе. Но не сакам ниту да мислиш дека сум те заборавила и заменила со некој нов. Па затоа дрско ти одговарам дека тоа не е твоја работа.

Не можам да прочитам ништо од твоите очи. Ми климнуваш со главата и се поздравуваме. Или подобро е да речам дека се збогуваме. Продолжувам напред, но по неколку чекори се вртам назад. Те гледам како чекориш сѐ подалеку од мене. Една солза ми се тркала низ образот. Дури успевам да ја избришам следат уште неколку по неа.

Тогаш со замаглени очи забележувам дека застануваш и се вртиш наназад, па јас набрзина продолжувам напред надевајќи се дека ништо не си забележал. Исто како што не сакам да знаеш дека после тебе не сум била со никој друг. Едноставно не можев.

Но, добро знам за секоја твоја двонеделна врска. Никоја од нив не е јас, нели? Не ми недостасуваш ти, туку она што бевме. Заљубени, среќни, со големи планови за иднината. Поминувам покрај нашата клупа во паркот и забележувам двајца млади, оддалеку се гледа дека се пар. Се насмевнувам и посакувам да не се разделат никогаш. Нивната среќа нека биде поголема од нашата.

Автор: Александра Стојановска

Напишете коментар