Skip to content

Луѓе со маски

Дојде такво време кога сите мора да носиме маски. Оние што редовно носеа една невидлива, сега над неа треба да стават уште една. „Такви се правилата, за почитување на мерките“, се вели. Има и такви што не носат. Бунтовници со или без причина. Сигурно имаат своја причина што не мора да ја објаснуваат на другите.

Мене пример ме задушува ако ја носам подолго од еден час. После тоа ме стега кај ушите, а и ми создава минимална доза на анксиозност. Токму поради преголема топлина и чувство што задушува. Барем така ми беше во средина на летото кога под маска посетив фризерски салон. Неопходно ми беше, а ризик од зараза речиси и да не постоеше. Се чувствував како во сауна (белким би можела со ова да споредам, не сум била). Или подобар опис би бил како на +35 да носам најдебел зимски џемпер.

Сепак ставам маска секаде кај што треба, не ја вадам и покрај нелагодното чувство што ми се јавува.
Така ви велам, луѓето се со маски, покрај тие невидливите. Дел ги носат, дел не, но во секоја институција, маркет, ресторан, во останати угостителски и услужливи објекти задолжително е нивно носење. Повеќето жени го подзаборавивме шминкањето. Барем она вечерното, со повеќе пудра и поизразен лик. Во последниве осум месеци три-четири пати максимум имам употребено пудра. Секако лицето ми е покриено деведесет проценти, и да ставам шминка нема да се приметува.

Рака на срце, јас и пред појавата на пандемијата гледав да користам минимална шминка. Честопати (читај многупати) надвор излегував ненашминкана и никогаш не ми било проблем да се појавам таква. Некогаш со подочници, комплетно природен изглед само со употреба на крема, ми било сосема во ред.

Да се навратам сега на маските. Некогаш за време на шпанската треска луѓето ги носеле. Денеска повторно ги носиме. Историјата се повторува во одредени моменти. Што покажува ова? Покрај тоа што секогаш постои опасност од појава на пандемија, луѓето не се комплетно подготвени, а ниту семоќни да се справат со истата. Колку и да е напредна медицината, никогаш не постои гаранција дека засекогаш ќе може да се запре појава или ширење на вируси.

Што значи ова?

Според мене, што и да направи човекот, какви направи и да измисли, дури и да пронајде нова планета на која животот би бил возможен, секогаш ќе биде ранлив. Всушност, ние сме најранливите суштества што постојат, а со огромен и многу моќен когнитивен потенцијал. Благодарение на користењето на мозокот јас сега го пишувам ова, а вие можете да го прочитате. Токму поради нашиот рационален ум ние се разликуваме од сите други живи видови на Земјата. Односно, се разликуваме бидејќи го користиме умот, размислуваме, и имаме развиена свест. Нешто што животните го немаат и по тоа најмногу се разликуваме од нив.

Која ми беше поентата? Бидете благодарни за можноста за мислење и рационално расудување. Не дозволувајте да победи нерационалното. Носете маски додека не ни речат дека време е да ги оставиме дома. Знам дека здравјето ви е најважно, ставете го пред сè како досега. Исто така знам дека сте свесни за она дека: изгубено здравје потешко се враќа, но може да се спречи појава на болест со мудри постапки.

Порано или подоцна, ќе треба да се стиши сосема, дури и да не исчезне целосно. Постојат предвидувања што велат дека нема да се искорени, дека ќе продолжи да постои. Дека во тек е пронаоѓање вакцина која би била спас. На нас останува како ќе ги прифатиме настаните и каква одлука ќе донесеме околу можното вакцинирање. Бидете на „висина на задачата“, и човештвото повторно ќе извојува победа против најголемиот невидлив непријател од 2020 година.

Напишете коментар