Skip to content

Ристо Крле – еден од најзначајните македонски драматурзи

Ристо Крле (Струга, 3 септември 1900 – Скопје, 29 октомври 1975) е македонски драмски писател и еден од првите членови на ДПМ. За своето творештво, тој бил добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело.  Роден е како син на кондураџија. Неговото школување било краткотрајно со чести прекини. До Првата светска војна, тој го завршил основното училиште и една година од средното училиште. До 1916 година паузирал со образованието.

Кога Македонија била под српска окупација, тој решил да го продолжи своето образование и успешно завршил уште една година од средното образование. За жал, образованието на Ристо Крле било уште еднаш прекинато поради смртта на неговиот татко. Потоа, тој немал можност да го продолжи своето образование. Како младинец, тој се вработил, и по завршувањето на Првата светска војна, ја наследил професијата на својот татко – станал кондураџија.

Работел како кондураџија

Неговата активност започна со групата на културните изведувачи „Црн Дрим“ од Струга. Четири години подоцна, Ристо Крле се приклучил на аматерската група на актери – изведувачи и неговата желба беше да напише сопствена драма. Но, таа негова желба не се реализирала во скоро време. Во 1925 година, тој заминал во Поградец, на албанска територија, каде што живееле голем број Македонци. Таму, тој прифатил да работи како комуналец, останувајќи една година. Кога работел во Албанија, Ристо ја добил идејата за неговата прва драма: „Парите се отепувачка“. Tаа била премиерно изведена многу подоцна на 27 декември 1938 година, на сцената на скопскиот театар.

По враќањето од Поградец во Струга, Ристо Крле се вработил. Но по две години бил отпуштен како вишок. За да може да опстане со неговото семејство, тој отворил своја чевларска работилница, но поради конкуренцијата од поголемите компании, морал да ја затвори. Ристо Крле променил многу работни места и по Втората светска војна, т.е. во кратки периоди работел во Скопје и во Белград. Тој бил и активен член на Друштвото на Писателите во Македонија. Починал на 75-годишна возраст во Скопје.

Творечкиот пат на Ристо Крле

Ристо Крле се смета за еден од најзначајните драматурзи во македонската книжевност. Во својата „Автобиографија“, Ристо Крле искрено раскажува како тој, иако физички работник, дошол на идеја „да продава памет“.

Како да ја добил идејата за „Парите се отепувачка“?

Него го потресол еден трагичен случај – убиството на единствениот син кој по долги години се вратил од печалба дома. Не препознавајќи го, неговите родители, подмамени од можноста за лесно збогатување, го убиле, а потоа, кога дознале што сториле, мајката ја удрила капка, а таткото се самоубил.

Првата изведба на драмата во Скопје

Токму во периодот кога Крле целосно се зафатил со драмската литература, дошла и изведбата на повеќе драмски дела од Македонци и на македонски јазик. Настојувајќи да се доближи до пошироките македонски маси, кои дотогаш биле рамнодушни за дејноста на тогашниот скопски театар, неговиот управник Велимир Живоиновиќ – Масука се обидел да исфрли на сцената пиеси што ќе бидат блиски до народниот бит и менталитет. Тоа наишло на голем одѕив ширум Македонија и поттикнало многумина, дотогаш непознати, автори да ги испробаат своите сили како опишувачи на народниот живот.

Самиот Крле, кој во 1937 година ја завршил драмата „Парите се отепувачка“, не чекал многу на оваа шанса. Велимир Живоиновиќ и режисерот Јосиф Срдановиќ ја откриле надареноста на струшкиот чевлар.  Веќе на 27 декември 1938 година, Крле им се претставил на скопските гледачи со својата драма.

Покрај драмата „Парите се отепувачка“ ги пишува и следниве драми: „Милиони маченици“ (1940), „Велик ден“ (1950), „Гроф Миливој“ (1958) и „Автобиографија“

Напишете коментар