Skip to content

Сите заслужуваат љубов, затоа верувајте во нејзината моќ

Сите заслужуваат љубов, а оние што мислат спротивно им посакувам да научат да се сакаат себеси. Не, не можеш да речеш дека некој не заслужува љубов само бидејќи не ти ја покажал. Секој знае и може да љуби. Прашање е дали имал шанса за тоа да го направи. Сурово е да мислиш дека некој не заслужува љубов, а ти сам не знаеш колку си можел од нејзе да дадеш. Љубовта треба да е обострана, дури и кога не е, кога не е возвратена не смее да предизвикува гнев. Ако е чиста и искрена, ако извира од длабочината на душата, за оној/онаа што го/ја љубиш или си го/ја љубел тогаш никогаш нема да помислиш дека не е вреден/на за неа.

Секому треба топлина, сигурна прегратка, поддршка и топол збор. Никому не му треба несигурност, и нестабилност. Ако правиш спротивно од она што го зборуваш, значи ти недостига интегритет. Кога покажуваш незаинтересираност, како да очекуваш да се покаже интерес кон тебе? Вниманието треба да е двонасочно. Да го даваш, за да го добиеш за возврат. Разбираш ли? Прска од едноставност. Интересот се губи многу брзо, посебно ако отсуствува комуникација без оглед на длабочината на чувствата.

Сакам да верувам во искрена, чиста и длабока љубов што може двајца да ја споделат и доживеат. Ќе верувам во неа и не мислам дека ја има само на филмско платно или во книгите. Ја има и помеѓу нас, во реалноста, по улиците, домовите, на секој ќош. Само двајца треба да имаат среќа за да им се поклопат коцките во вистинско време.

Што ако не постоеше љубов?

Да не постоеше љубовта многу работи не би имале смисла. Таа е неисцрплив извор на инспирација. Најголема причина за страдање, но и за преземање херојски подвизи. Кога е силна со нејзината моќ човек мисли дека може да помести карпи. Ако му е возвратена и ја добива во мера што ја заслужува. Никој не заслужува да биде половично сакан. Никој не би требало да се задоволи со бледо покажан интерес. Секој човек има своја цена. Дури и кога би ја спуштиле истата за некого, треба да се запрашаме дали ќе вреди.

 Никој не би смеел да се потцени и да мисли дека не е доволно добар за некого. Сите заслужуваат љубов. Луѓето, животните и птиците на гранките. Сакајте се себе за да можете да ги сакате и другите околу вас. Поедноставно не може да биде. Ширете љубов бидејќи и те како ни е потребна на сите!

Напишете коментар