Skip to content

Дознајте ја приказната за народната песна „Налеј налеј“ и кога првпат била испеана

Деновиве е актуелен спотот за народната песна ,,Налеј, налеј”. Сите ја пееме со патриотски чувства, но убаво е да знаеме кога и како првпат е испеана.

Никифор Смилевски, новинар и вљубеник во фолклорот, кој за жал речиси четири години не е со нас, истражуваше за создавањето на велешките народни песни. Тој во 1999 година е добитник на наградата на Здружението на новинари „Крсте Мисирков“. Во 2003 г. е прв носител на наградата „Гемиџии“ за животно дело, а наредната година му е врачено „Златното перо на хуманоста“ од Црвениот крст на Р. Македонија.

Приказната за оваа песна авторот ја објави во книгата ,,На Којник дуќан да имам”, во октомври 2014 година.
Смилевски е автор и на следниве книги: “Песната и коренот“, “Оттргнато минато“, “Велешки мрсни песни“, Монографијата “50 години АД Димко Митрев“, “Мојот Велес“ (последно објавена).

Со дозвола од неговата ќерка Ирена Смилевска Николовска која со многу љубов и спомени ја пренесува, ние со задоволство ја споделуваме приказната со сите вас.

Корица од книгата „На Којник дуќан да имам“

Мадлен Тагуваше по гемиџиите

Душата на Париз не се само Елисејските полиња, црквата Нотр Дам, мостовите на Сена или Триумфалната капија. Париз можеби најмногу се чувствува во малите кафеанчиња кои им се омилени на Французите и едноставно ги нарекуваат “оберж“. И денес, како и пред стотина години, во нив ќе сретнете обични луѓе со нивните желби, тајни и мечти. Источниот дел на градот како да е конзервиран во минатото. Таму нема високи градби, а симпатичните “оберж” го зачувале својот некогашен лик.

Едно од нив во далечната 1903 година имаше убаво име “Л’ матен“ (Утро). Во него наутро можеше да се добие вкусна топла чорба за да ја стопли душата, или пак да го разбие мамурлакот на почетокот на денот по ноќта помината во весело друштво. Всушност, “Л’ матен“ имаше своја посебност. Таму можеше да се почувствува и да се доживее ноќта, а и да се пречека новиот ден.

Беше почетокот на март. Зимата полека изминуваше. Деновите се зголемуваа, а престојот на неколкутемина пансионски гости во кафеанчето се ближеше кон крајот. Тие го избраа “Л’Матен“ како свое утро, за чија белина мечтаеја мислејќи на својата далечна татковина која секогаш им беше во мислите и во душата. Кафеанчето го посетуваа малите граѓани на големиот град поради вкусните јадења, пристапните цени, но гостите доаѓаа и поради убавата млада сопственичка.

Мартовската ноќ брзо изминуваше за групата млади луѓе. Во зачадениот воздух се мешаа миризби на различните јадења, цигарите, извиците и песните што ги пееја пансионските гости. Симпатичната фигура нa сопственичката се провлекуваше меѓу масите и ги служеше гостите.

– Мадлен, донеси уште еден бокал ,,бордо”, а ние ќе ти запееме од нашите песни што ти се допаѓаат. За тебе ќе ја пееме песната што најмногу ја сакаш, а нас нè враќа таму на Балканот, во нашата  Македонија, позната кај вас во Франција како турска провинција. Ќе ја пееме за тебе, на француски и на македонски.

– Господа, брзо ќе бидете услужени. И ќе ми ја пеете песната во која се споменува вашата земја, а јас ќе ви налевам од црното “бордо“.

– Ех, колку е убава оваа Мадлен. Да не се големи нашите идеали и обврски, засекогаш би останал во овој голем град. Луѓето тука имаат душа како нашиот народ. Вака велеше младиот господин со широки мустаци, 6yjнa коса и со бело шамиче во малиот џеб од палтото, гледајќи ја притоа убавата фигура на Мадлен која се приближуваше кон шанкот со пијалаците.

– Имаш право, се надоврза црномурното момче до него, со патец во косата и со мали тенки мустачиња. Овде е навистина добро, луѓето се слободни и весели, а таму кај нас во Македонија само очај, беда и неправди. Турците се изживуваат врз нашите луѓе. Затворите се преполни, а казните се доживотни ако не се даде рушвет. Во нашиот Солун, во споредба со Париз, времето како да е запрено.

Туку, ние таму веќе ја привршуваме работата. Тунелот речиси го ископавме до банката. Со нашите акции ќе ја потресеме и  Турција и европскиот капитал. Добро им е овде во Франција и никој не сака да слушне за нашите маки и беззаконието што владее во Македонија. Само ветуваат некакви договори и реформи, а цврсто соработуваат со Турција. Треба да дејствуваме и да осетат на своја кожа дека ѝ дојде крајот на нашата трпеливост.

Од очите на гневното момче како да излегуваа искри. Решителноста што се чувствуваше во неговиот глас се пренесе и кај другите. Sвонливиот глас на Мадлен го прекина нивниот разговор.

– Мои пријатели, еве го вашето вино. Сега е вашиот ред –  рече гледајќи ги со широка насмевка.

Момчињата за миг замолчеа и во мислите се вратија во саканата земја. Набргу потоа запеаја. Се слушна песна. Носталгичните зборови и ноти ги вратија во нивната Македонија. Таму им беше коренот што не можеше да се искорне.

Песната што ѝ се допаѓаше на Мадлен, а тие си ја сметаа за своја химна, ја прифатија и другите гости. Се пееше на француски: Nous some les enfant de la Macedoin. Певливата песна внесуваше тага во срцата на младите момчиња. Едно од нив извика: ,,Така е,  и ние сме деца на нашата земја!“

Песната продолжи со автентичните зборови:

И ние имаме право да живееме

парола ни беше ,,смрт или слобода”

за Македонија.

Во рефренот ,,Налеј, налеј, меанџике од црното вино“ зборовите ги пееја со бавно темпо, за потоа одново во побрз ритам да продолжат:

Слобода немавме,

правдини никакви,

а кога баравме,

в затвор се најдовме.

Рефренот овојпат беше прифатен од сите присутни, а зборот меанџике го заменуваа со Мадлен, Мадлен.

А таа се топеше од среќа што овие убави, млади и весели момци ја спомнуваат во песната. Го знаеше значењето на зборот “налеј” и ги полнеше испразнетите чаши. Гостите полека си заминуваа. Во длабоката мартовска ноќ остана само малата група Македонци. Еден од нив ѝ се обрати на сопственичката:

-Убава млада дамо Мадлен, придружи ни се. Уште еднаш, за последен пат ќе ти ја испееме нашата песна, со тага во душата.

– Зошто за последен пат?

– Заминуваме за Македонија. Мораме да го извршиме нашиот завет, нашето дело. Мора да се слушне гласот на поробена Македонија. Тоа што ќе го изведеме ќе се слушне низ Европа и во Франција.

– Е, мои мили и убави момци, штом ве вика вашата земја одете со среќа. Вашата веселост, вашето искрено пријателство нема никогаш да ги заборавам. Верувам дека пак ќе дојдете, а јас со срце ќе ве чекам.

Од таа мартовска вечер изминаа речиси два месеца. Немаше ден, а Мадлен да не си спомнеше за своите пансионски гости кои ѝ станаа блиски пријатели. Нивната веселост, убавина и енергичноста што ја почувствува во последната ноќ од разделбата кога говореа за својата земја, ѝ создаваа некаков немир во душата. Cи ги замислуваше нивните лица и се потсетуваше на нивните имиња. Тој со бујните коси и секогаш во костум, Борис, добро говореше француски.

Тој послабиот, кој поретко  отседнуваше во пансионот беше сериозен, а неговите очила ги прикриваа немирните очи. Русокосиот со малите мустачиња, чиешто друштво ја смируваше и будеше пријатни чувства кај младата сопственичка, постојано ѝ беше пред очите. Се викаше Орк, или така некако, па затоа кога му се обраќаше едноставно го нарекуваше Op или Д’ор што на нејзиниот француски значеше златен. Навистина тој за неа беше најубав и најмногу ѝ прирасна за срце.

Се прашуваше што ли прави сега во својата татковина. Со другарите рекоа дека ќе слушне за нив. А желбата да слушне беше голема. Да слушне кога одново ќе дојдат во “Л’ матен”, да ги слушне тие прекрасни момчиња како ја пеат нивната и нејзината песна. Им ги полнеше чашите на гостите и си потпевнуваше: Налеј, налеј, и ти Борис, и ти Павел, и ти мој златен… Така занесена во мислите и песната, ќе преполнеше некоја чаша, ќе  истуреше вино врз чаршавот, ќе се извинеше вцрвенувајќи се и со познатиот рефрен ќе седнеше на шанкот.

Пролетта беше во сета своја раскош кога во првите денови на мај весниците осамнаа преплавени од информации и вести за францускиот брод “Гвадалкивир“  и за атентатите во Солун, најголемото пристаниште и втор град по големина во турската империја. Извештаите беа полни со разни искажувања на очевидците на француската мисија во Солун, од патниците на запалениот брод. Но весниците за првпат проговорија и за теророт што го вршеле турската војска и полиција, сеејќи ужас и страв меѓу поробеното население.

Весниците пренесуваа и искажувања од младите македонски револуционери (кои буржоаскиот печат ги нарекуваше анархисти). Јавноста во Европа на почетокот не можеше да сфати зошто се дигнати во воздух Отоманската банка, бродот, зошто се уништени плинските инсталации, за оштетената локомотива во железничкиот сообраќај, за престрелките на улиците. Зошто морало атентати кога можело да се преговара?

Меѓутоа, кога беа фатени четворица од атентаторите и кога се дозна дека минирањето на бродот било извршено само за да се оштети, но не и со намера да настрадаат патниците, како и за хуманиот потег на атентаторот во спасувањето на директорот на банката и неговото семејство, ставот на европската јавност постепено почна да се менува. За атентаторите, велешките гемиџии, иако и понатаму ги нарекуваа анархисти, европските весници почнаа да информираат со доза на симпатии. Потоа полека почна да се буди свеста во развиените земји на стариот континент.

Како да се вгнезди некое студенило во душата на Мадлен кога дозна за извршените атентати во Солун. Со денови ги купуваше, ги читаше и ги препрочитуваше весниците. Можно ли е тоа да се нејзините пријатели? Тие говореа дека ќе се слушне за нив и за нивната земја, за која зборуваа и пееја во нејзиното “Утро”. Читаше и не сакаше да поверува дека тоа што го чита е вистина. Не е можно да се тие. Па толку беа млади, полни со живот, толку убаво пееја…

Нивните песни ги прифаќаа и другите гости во кафеанчето. Зарем тие да ја потресат Турција, а Европејците да не можат да ги сфатат? А некои од нив биле фатени. Барем меѓу нив да е оној за кого толку често мислеше…

За да ја дознае вистината и да се оттргне од црните мисли, донесе одлука. Му напиша писмо на францускиот конзул во Солун. Го молеше да ѝ одговори дали се работи за момчињата што ги познаваше. Ги напиша  имињата што ги знаеше и го опиша нивниот изглед. Набргу дојде писмо адресирано до неа, со печат од конзулатот.

Со треперливи раце го отвораше, молејќи се тоа од што се плашеше да не е вистина. Уште во првите редови срцето силно ѝ зачука. Со растреперен глас одвај изговори: ,,Тие се“. Седна на најблискиот стол. Пред неа се појавија саканите лица, сеќавањата од последната вечер помината со нив. Оддалеку ѝ одsвонуваа нивните гласови, нивната омилена песна. На својот млад помошник одвај му проговори да ѝ наполни чаша од црното “бордо“. Ја зеде чашата. Раката ѝ трепереше. Ја подигна до усните.

– Момци, пијам во ваша чест и за вашата Македонија. Секогаш ќе ве почитувам и никогаш нема да ве заборавам. Ќе живеете со мене, а јас со спомените за вас .

Како да ја слушна песната и незаборавниот рефрен:

“Налеј, налеј, Мадлен“…

Црното вино ѝ ја распара душата. Во градите на Мадлен се разлеа голема, тешка тага. Тага за навек.

Споменик на Гемиџиите во Велес

– – – – – – – – – – – – – – – – –

Осумдесет и четири години подоцна. Стразбур, Франција. Град препознатлив по големата катедрала и по зградата на Европскиот парламент, којашто Французите ја нарекуваат Куќата на Европа.

Веле Алексоски, професор по француски јазик од Велес, се подготвува да магистрира на тема ,,Македонскиот народ и македонското прашање во Првата светска војна“. Кај истите професори својот магистерски треба да го брани и Жан Бернанже, амбициозна девојка од Мароко. Насловот на нејзината дисертација е ,,Мароканските војници во Првата светска војна во Македонија“. Зачуден и изненаден од темата на Мароканката, Алексоски ја прашува како доаѓала до податоци кога никогаш не била во Македонија.

– Навистина не сум била во вашата земја, ама знам една убава ваша песна и една голема тажна приказна.

Бернанже претходно живеела извесно време во Париз, каде што ја подготвувала темата за магистратурата. Била пансионски гостин токму во ”Л’ матен“. Додека пишувала, стариот кафеанџија се заинтересирал за нејзиниот труд. Во нивниот разговор, меанџијата, кој ѝ бил внук на Мадлен, на девојката ѝ  ја раскажал приказната  за неговата тетка.

Мадлен останала доследна на своето ветување дека никогаш нема да ги заборави и секогаш ќе ги почитува и ќе ги сака своите Македонци. Умрела во предвечерјето на Втората светска војна, во 1939 година. Гостите ја познавале како дамата што не се насмевнува. Никогаш не се омажила.

Погледнете го и спотот за песната во продолжение.

Напишете коментар