Skip to content

Зошто? – Маја Малиновска

  • by

Седеше на местото преполовен од мракот
Зошто ме погледна со очи на птица?
Еден прозорец се прелеа во светлина
Зошто ме погледна со неспокој на ранета птица?
Го обзеде воздухот со тишината
Зошто ме погледна со кафеава пена во очите?
Го заборавив виното на масата.

Го барав местото преполовена во мракот
Зошто ме погледна со тон кој се припојува со моите очи?
Немаше никаде прозорец за да влезам,
Зошто светлината се разлеа низ твоите очи и ме ослепе?
Немам воздух да го изговорам твоето име
Зошто ме остави без здив кога се појави од темнината на сонот?
Го сокрив срцето од напливот на Сонцето.

Најдов само празнина на столот облеан со светлина
Зошто си замина кога никогаш не требаше да дојдеш?
Влегов со крилјата на свемирот низ клучалката иако затворена
Зошто  те немаше кога ми требаше да ми ги отвориш очите?
Останав и без очи и без здив и без воздух
Но можев само да го изговорам твоето име пред
Да заминам по патот по кој никогаш нема да те сретнам.

Напишете коментар