Skip to content

Девојчето од ведите – Ефтим Клетников

Како од ведите да влезе
тоа девојче во автобусот градски.
Кладенец полн со небо.
Во шумјаците длабоки на срцето
го пасе стадото Говинда
и секоја ѕвезда е виме
од која капе млекото
на Големото Незнаење

Дали имаше автобус тој ден
и дали воопшто влезе
девојчето во него,
се прашував утредента јас:
Може се бев исплашил,
како од силна грмотевица,
од ненадејната средба
со невиноста на исконот.

Сега во несоница седам
сведнат над Бхагавад Гита.
Ги вртам нејзините страници
полни со вечност
и го барам девојчето
што влезе по грешка
во автобусот градски тој ден.

Ефтим Клетников, збирка Неискажливо

Напишете коментар