Skip to content

X=Y – Виктор Кадинец

  • by

Ко костреж си сирено една.
Ко тетрис на шеесетидевето ниво.
Ќе те ѕирнам низ окцето на вратата,
не ќе ти отворам, ќе ја треснам,
ќе те збеснам,
нит мирис, нит вкус ќе ти пробам.
Немирке една, палавицо.
Толчник на мислите си…остана ли
нормал левел во тебе или треба да те зграбам,
да те каснам, да те гризнам на увце,
да ти дувнам низ окно,
да те пукнам од страст,
да ти бидам сласт.
Еј, мисли со тоа главата
или статуа си само.

Питагора не ти е рамен.
Равенко една недорешена.
Ќе ти ставам знак еднакво и две, три корени на квадрат,
ќе те помножам, поделам и иксот во ипсилон
ќе ти го спојам, ќе бидеш и квадратен корен
на фигура без плоштина, ќе те одземам.
Ќе те обземам, коконо една.
Колку што треба да ти одземам, ќе ти додадам.
Колку што треба да ти додадам, ќе ти одземам.
Еднаква ќе бидеш, ќе те решам, ќе те згрешам.
Грев да ми бидеш, грев да ти бидам.
И ќе молиш, за репете.
…и никој нема да те гуши како мене,
в душа да ти пенетрира, да те иритира…
…и ќе бидеш попалава и ќе лоадираш љубов…
… и ќе бидеш како поплава и игра со зборови пркост ќе ти буди…
…ќе ти ставам знак еднакво на мене.
Икс ќе биде еднакво на ипсилон,
а ти разбудена до мене.

Виктор Кадинец

Напишете коментар