Skip to content

Сакам да го видам сонцето

  • by

Утрата се разликуваат по светлината која влегува низ мојот прозорец. Сонцето е денес некако повеќе сјајно, наговестува повеќе светлина и се си мислам дека нема потреба да ги ставам моите карантински чорапи. Така си ги нареков, зошто сега ми станаа навика, затворена меѓу шеснаесет ѕида, ги извлеков од старите соништа, од старите креденци, од старите спомени, од еден стар живот кој се чини се повторува.

Секој ден слушаме шеснаесет нови зборови. Ги има на некоја нова детска емисија, а нам ни се омилени.

„Шудија! Шудија!“ – некој вика од крајот на ходникот.

-Што е сега? Каков е овој збор? Не сум чула ваков збор“ …

– И јас не сум чула“ – ми  вели ќеркичката.

„Мамо, шудија на ш, од Бушава азбука“ .

„На ш? – Да видиме кои зборови почнуваат на буквата ш, можеби ќе научиме некои нови.

„Шега, мамо, шега“ – извика гласно моето синче. – Ш, како шега зарем не знаеш?

„Шустија, да шустија“ – извика уште погласно.

„Ах, ова со шустија мора да е некоја шега“.

„Не, не е шега, ш – Шустија“ !

„Мхм, – ајде да видиме која буква е слична на ш“ .

„Кои букви ви се слични на буквата Ш“ ?

„Мамо, С“ ! – извика ќеркичката – ми текна мамо, судија на С“ !

„Да, судија!“

Колку необичен збор. Дали децава знаат што значи зборот судија? Никогаш не сум била  во судница, но еве сега осудена на затворен простор , без да одам на суд. Убаво е да бидеш затворен со оние кои ги сакаш. Да научиш дека единствената работа која дава слобода е онаа кога се грижиш за другите.

Отидов во дневната соба. Телевизорот немаше тон. Набргу ќе почне Бушава азбука. Денес ќе биде сигурно за буквата Т.

„Денес е за буквата Т, мамо – дотрча ќеркичката. После С доаѓа Т“ .

„Да, ајде да ја пееме азбуката“ – реков.

„Да, може и да смислиме кореографија“ !-

„Ете и карантинот може да биде забавен, деца“ !

„Да, и ќе правиме кореографија како на Бушава азбука“ !

Навистина е забавно да се учи азбука во карантин.

Буквите ги изговараме и пееме толку гласно што одлетуваат надвор, танцуваат по празната улица пред нашата зграда. Слободно се прошетаа и сега сакаат да се вратат назад. Чукаат на влезната врата.

„Мхм, сега не е време за гости“ .

Но, и тие знаат дека надвор им е поубаво. Таму има поголем простор за танцување. А буквите обожаваат да танцуваат. Си ги менуваат местата и кога веќе една буква стигнала напред, еве веќе направила нов збор.  Секој збор се истопорил и сака да биде прв.

Ние пак наслушнуваме , излегуваме на балконот и гледаме како се расправаат.

Некој прашува: – „Кој ќе биде прв?“

„Јас ќе бидам прв, се знае – вели еден глагол, јас сум најважен“ !

„Мамо вистина ли? – ме прашува ќеркичката.

„Да, вистина, без глагол не можеме да напишеме реченица“ – одговорив, сигурна дека сум во право.

„Но, нема да биде убава, замисли реченица само од еден збор, колку досадно“ – се јави придавката.

„Каде се именките, ништо не кажуваат“ ? – ме прашува ќеркичката.

„Ене ги, се скриле, сега ќе ни кажат колку се важни“ – реков.

Во тој момент, настана сеопшта збрка, сите зборови почнаа да се мешаат, да се бркаат никој не знаеше каде да застане.

И тогаш се исправи глаголот. Тој е главен .

„Сите на број, сите на строј“ ! – извика.

Сите се подредија.

Толку многу реченици има и како само за момент се наредија.

„Да прочитаме една“ – рече ќеркичката.

„Сакам да го видам Сонцето“ .

„Мамо, да го видиме Сонцето“ .

„Да – реков, – секое утро почнувајќи од утре ќе го гледаме Сонцето и ќе се радуваме на секој ден и ќе кажуваме дека животот е убав. Без разлика дали си во карантин или не. Тоа ќе биде наша животна задача“ .

Автор: Маја Малиновска

Напишете коментар