Колумни Литература На пауза со моите монолози

Сосема е во ред ако некогаш ништо не е во ред

Се трудев насловот да звучи колку што е можно помалку конфузно. Ова е еден од оние текстови на коишто прво им го смислувам насловот, а дури потоа текстот. Си мислев така некое време за што да пишувам денеска и еве уште мислам. Спонтано ќе течат зборовите во продолжение.

Во насловот напишав дека сосема е во ред ако некогаш ништо не е во ред. На што мислам со ова? Мислам на сите оние денови кога сме човек мрзоволен до степен да не ни се прави ништо. Кога дури седење и ѕверење во една точка би било поприфатливо од сè друго. На ум ми се и оние моменти кога немаме волја апсолутно за ништо, а сепак “туркаме некако“. Мислам и на секое негодување што си го кажуваме за себе, кога не сме свои на своето, кога ни сопственото присуство не нè радува. Сосема е во ред да има такви денови кога ништо не е во ред.

Денес денот беше некоја средина на “во ред ми е“ и „“ништо не е во ред“, но во никој случај не го критикувам. Можело да биде и полошо, подобро исто така. Денов ми е за музика од Нора или некоја плејлиста со peaceful piano композиции на Спотифај, за огромна шолја чај или кафе, книга со поезија и ќебе за филм после поезијата.

Кафето го нема истиот вкус во денови како овој, кога ниту мелодијата не допира како што знаела да допре. Кога и зборовите сакаш да течат како река, но си ги вадиш со клешта. Изгледаш како да си му се скарал на човештвото, а ни сам не знаеш да објасниш зошто. После тоа сакаш да му се смириш, зошто знаеш дека никој не е крив за ваквите денови.

Кога некои денови мислиш дека ништо не е во ред

Едноставно тие доаѓаат, и си одат исто како што дошле. Ќе ги нема одреден период, и после еден месец ете ги пак дошле на гости. Среќа кратко се задржуваат зошто се покажуваш како крајно негостопримилив домаќин кон нив. Бидејќи знаеш дека во нив “ништо убаво не цвета“, дека не носат среќа каква што треба да си ја разбудиш во себе. Сосема ти е јасно дека во таквите денови осамата ти годи најмногу, со причина.

Уште појасно ти е дека ваквите денови се подеднакво потребни како и останатите, понормалните. Бидејќи ти дозволуваат во мислите да си го извадиш најлошото од себе, да се обидеш да бидеш целосно искрен пред себеси. И да ти биде неугодно, да сакаш чекор напред, а не назад, зошто после соочувањето е уште потешко. Во некој од тие мигови на неугодност и прекор, сфаќаш дека си благословен и дека “има надеж за тебе“. Зошто?

Бидејќи си доволно искрен/а пред себе да си признаеш каде згреши или конечно си прости себеси за нешто кое долго те измачуваше. Затоа што признаваш дека си можел/а поинаку, бидејќи си човек пред сè. Спогодбата што ќе ја донесеш те успокојува, затоа собираш сила за понатаму. Додека си ги шепотиш смирувачките зборови, знаеш дека можеш да бидеш непобедлив/а. Во што? Во желбата за живот, во љубовта кон себе и сè што те опкружува. Во волјата да станеш после секое паѓање, да го истресеш правот и да продолжиш понатаму.

Гледаш дека не треба многу за да бидеш победник во сопствената приказна? Јас знам дека веќе си победник, само што ти треба да го откриеш тоа. Со соголување на душата пред себе, без лаги, и лажни превези. Целосно се имаш само ти, биди праведен/на кон она што си. Ако си фер спрема она што си, секогаш ќе постои простор за напредок, за да бидеш она што сакаш да бидеш. Не се откажувај, и сосема е во ред некогаш да изгледа дека ништо не во ред. Не си сам во оваа борба, сите сме заедно борци, секој на свој терен.
До следно!

Н.Н

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје