Skip to content

Не сакам да си мој – Лина Димоска

  • by

Не сакам да си мој,
ниту јас сакам да сум твоја,
туку сакам да си опседнат со мене,
па да не можам
од мисли да ти избегам,
ниту некаде да се скријам
за да не ме мислиш,
за да не ме најдеш,
за да не можеш
ниту на сон да ми дојдеш.

Не сакам да си мој,
ниту сакам јас да сум твоја,
туку сакам само една ноќ
низ прстите да ти се плеткам,
да го почувствувам мирисот твој,
да го почувствувам допирот твој,
а потоа да си заминам
за да не може да ме сретнеш,
за да не може да ме видиш,
ниту да ме допреш,
ни да ме почувствуваш.

Не сакам да си мој,
ниту јас сакам да сум твоја,
туку сакам само еднаш,
барем еднаш,
погледите во мракот да ни се сретнат,
да се нурнам во синилото на твоите очи,
да ги гледам,
само долго да ги гледам
и никогаш веќе да не се запрашам
што ќе беше
ако некогаш те сретнев,
ако некогаш те допрев,
ако некогаш те почувствував.

Лина Димоска

Напишете коментар