Skip to content

Интервју со Душко Трифуновски, амбициозен и млад македонски автор

На наше големо задоволство и чест, имавме можност да поразговараме со младиот македонски писател, Душко Трифуновски. Прочитајте ги во продолжение прашањата и одговорите.

Ние те помниме како победник на конкурсот за краток расказ што го организиравме на крајот од 2018-та година. Насловот на расказот гласеше „Рози на џадето“ и читателите имаат можност да го прочитаат во секое време. Кој е Душко Трифуновски приватно, но и професионално?

– Неколку пати се обидов да ги запознаам двајцата со ова име и никако не ми успеа. Душко од приватен живот настојува да се работи на повеќе полиња, а професионалниот е влезен во некоја чудна машина што не застанува. Ха-ха. Рози на џадето ми помогна да докажам дека Душко може да се искаже и накратко, на неколку страници, а не само да ги шири приказните. Може ли да кажам само: „Душко е автор во подем“?

На пошироката публика најпознат си ѝ по романот „За два дена реча ДА“, и драмата (чинам беше ако не грешам) „Слана“. Која беше инспирацијата за да го напишеш романот, но и за драмата?

– Интересно е што малкумина знаат дека драмата Слана е преработка на романот објавен пред точно 5 години, но не посветив доволно внимание во тој период и оставив да го изгази времето. Сега е вистинското време да одбележам 5 години професионална авторска дејност со нејзино реиздание, а секако, есента е вистинското време за да се прикаже метафоричкото значење на сланата. Веднаш потоа посакав да напишам нешто што ќе ме забавува мене како автор дури пишувам, а потоа и читателите. Дури и добив коментари во стилот: „Ајде со нешто поведро. Доста е веќе од трагедии!“, и токму затоа За два дена рече Да е романтична комедија. Предлог за сите кои сакаат да се опуштат и да прочитаат хумористична романса.

Ти си од помладата генерација амбициозни автори, но веќе оставаш траги и пишуваш историја во македонската книжевна историја ако можеме така да ја наречеме. Што според тебе недостига во македонската литература? Што би можел да промениш доколку ти се покаже можност?

– Не знам колку сум моќен да променам нешто како поединец, но можам да придонесам со објавување мои книги почесто за разлика од првиве пет години. Недостасуваат автори кои ќе остават белег зад себе, а белег се остава само дололку авторот направи прашина зад себе. Имаме премногу анонимни автори кои се талентирани, имаат готови книги, но одбираат погрешни луѓе и издавачи кои не прават ништо од нив. Поминуваат години, авторите имаат книги зад себе, но остануваат анонимни низ годините. Мислам дека би отворил издавачка куќа која ќе објавува и продава само македонски автори. Немаме издавач кој се грижи само за македонски автори, а доколку би го имало, тогаш каде би ни бил крајот.

Како прилично тазе дипломиран наставник по македонски јазик како го доживуваш сето ова околу „онлајн наставата“, кој е твојот став по ова прашање?

– Овој театар за деца и млади е всушност играње балет по нервите на секој човек. Само тоа ќе го кажам, иако во мисли ми се вртат безброј реченици и прашалници што не знам ни самиот да си ги поставам, а ни одговорам. Постојано се случува нешто ново и верувајте ми, во моментов не сакам да се занимавам со професорска работа само поради промените и сопките што му се случуваат секому, вмешан во образовниот процес.

Дали е тешко да се работи со денешните деца, што недостига во образовниот систем кога би направил паралела како некогашен ученик и сега веќе дел од образовниот кадар? Каде постојат грешки и како би се решиле?

– Баш напротив, не е воопшто тешко. Одреден период работев со деца и тоа е одлично искуство. На дваесет и неколку години човек се потсетува на сè низ што поминал пред десетина години. Доколку наставникот се врати во нивните години, ги разбере и биде другар со учениците, тогаш е многу лесно и интересно. Материјалот е само основата поради која сме појдени на училиште. Но, односот, воспитувањето и работата е она што внесува свежина во образованието. Учењето не е ни 15 % од вкупниот образовен процес. Секако, поубаво се чувствувам секако, како дел од современава настава бидејќи поинаков е односот ученик-наставник, за разлика од традиционалната настава кога бев ученик. Го сакам другарството меѓу учениците и наставниците.

Кои се новитетите кај тебе, што можеме да очекуваме во блиска иднина од перото на Душко?

– Ги бројам деновите кога повторно ќе се присетиме на „Слана“, но овојпат во проширено издание. Би ја нарекол старо-нова книга, составена од познатата Слана како прва драма, а потоа како нејзино продолжение, насловено како „Јазол“. Веднаш потоа (можеби после неколку седмици) повторно се враќам на нешто релаксирачко за умот, а тоа е романот „Девојката од автобусот“. Некои го знаат и како „За 30 дена …овојпат“ што го читале на е-библиотеката Македоника, но секако, во променето издание. Долго го најавував прво романот, но драмите ми влетаа во план непланирано бидејќи се пробно лектирно издание. (За ова ќе зборуваме во следен разговор. ха-ха)

Какви теми обработуваат твоите дела, и кажи ни нешто повеќе за нив, накратко? Што да очекуваат читателите што не ги прочитале?

– Интересно е , барем мене ми е, тоа што не сум насочен само на една тема или жанр, туку шетам од еден стил во друг, од еден свет во друг. Од семејна трагедија заминав во светот на романтичната комедија, па повторно се враќам на трагедија, но овојпат надреална. Во меѓувреме се занимавав со детска поезија за списанието Супер Смешко, и детскиот свет ми беше едно проветрување на мислите и бегство од реалноста. „Девојката од автобусот“ е современа приказна со многу напнатост, љубов, замка меѓу ликовите, обрач кој се стеснува… Мислам дека треба да очекуваат многу, а всушност, може да очекуваат и нешто многу поинтересно во 2023 год… ХА-ХА

Како ги доживуваш читателите, што ти значат тие тебе и каква е општо читателската публика според твоето мислење?

– Верувајте ми дека со голем дел од нив сме веќе пријатели, комуницираме на социјални мрежи, се сретнуваме низ град, на средби… Пресреќен сум што моментално работам во Литература.мк/Арс Ламина, најголемиот издавачки центар кај нас и постојано доаѓаат читатели да се поздравиме, да ми кажат мислење, да прашаат… Тоа не се споредува со ништо на светот. Целта ми е да пишувам за луѓе, а ако тие го прифаќаат тоа што го работам и ги впиваат приказните како да се нивни, тогаш сум ја постигнал целта. Читателска публика, општо… Хм, тешко прашање. Кој ќе размислува сега толку многу? Ха-ха. Можеби ќе звучам многу саркастично, но луѓево не знаат што сакаат! Ха-ха. Мило ми е поради тоа што секој поединец има различен вкус и желба. Тие што ми кажаа дека сакаат опуштен трилер со доза на романса, тогаш ќе им ги задоволам желбите во ноември, а останатите малку подоцна. ха-ха

Кои книжевни жанрови ти се најдраги за читање, и дали имаш некое омилено дело?

– Најдраги ми се романсите. Романси читам повеќе од десетина години, но неодамна се навлеков и на трилери. Имам другар кој ми е и уредник, и дизајнер, и можеби најголем критичар за сè што правам. Токму тој беше причина да почнам да читам и трилери. Омилен романсиер ми е Фишер. Како да сум заглавен во минатиот век, но ќе кажам повторно. Фишер.

Дали постојат автори од кои црпиш инспирација или со чиишто дела сакаш твоите да бидат споредувани?

– Немам земено инспирација од ниту една книга и од ниту еден автор. Гледам многу филмови и инспирацијата е од таму. Доколку еден автор се споредува со друг автор и бара сличност со неговите книги, тогаш ќе наликуваат еден на друг. Неодамна прочитав дека Слана наликува на Пиреј. Убаво е кога се прават такви споредби, но кога започнав да ја пишувам во 2012 год., ниту знаев кој е Петре ниту имав поим за што станува збор во Пиреј. Неколку години подоцна сфатив дека приказната за несреќното семјство на Злате е речиси идентична со несреќното семејство на Велика. Во мојата книга ја имаме сланата која гори, а во Пиреј ја имаме чумата која коси. Искрено, не сакам споредби бидејќи секогаш едниот автор е послаб во однос на другиот.

Дали постои надеж за македонските писатели и поети, што значи да се биде писател во Македонија во денешно време?

– Има надеж. Штом досега не се откажав и вложувам премногу во оваа работа, значи дека има надеж. Повторно ќе се навратам на истото. Многу писатели работат кај нас, на списокот се над стотина современи живи писатели, но, не сите се посветуваат максимално за авторството да им биде работа во животот.

Која е твојата најголема поддршка?

– Мајка ми. Дефинитивно мајка ми и никој друг. Секако, има луѓе кои ми се поддршка од самиот почеток и останаа покрај мене, но прашањето е НАЈГОЛЕМА? Тогаш-мајка ми! J

Кој е твојот лајтмотив?

– Луѓето да се направат среќни, па макар да е тоа само со „Здраво“. Ништо друго. Среќа.

Ако мојот живот беше книга…тој ќе се викаше…

– „Слана“, „Слана“ и само „Слана“. Ха – ха. Толку е мистична содржината што само јас знам што е вистина во неа, а што моја фикција, кои ликови се реални, а кои се градени според некои важни луѓе во мојот живот. Слана како да е дел од мојот живот. А можеби и е, не знам. J

Што би им порачал на читателите на Крајбрежје? 

– Читајте ги објавите на Крајбрежје, размислувајте некогаш да добиете понуда за објава од нив. Ако ви пристигне порака за соработка, тогаш да знаете дека сте направиле нешто „паметно“ во животот. А и ќе се запознаете со девојките, не за друго…😊  Ха-ха, Благодарам и не престанувајте со читање.

Му благодариме на Душко уште еднаш за одвоеното време и за разговорот. Од името на цел тим од Крајбрежје му посакуваме бројни успеси на сите полиња!

Напишете коментар