Skip to content

Бонсаи

Ѝ подари цвеќе. Бонсаи. Тоа беше дрвенесто растение, но за неа беше цвеќе. Никогаш не правеше разлика меѓу цвеќе и дрвенесто растение. На крај, тоа и не беше воопшто важно.

Бонсаито бараше посебна грижа. Кога го донесе дома, не знаеше каде да го чува, надвор или во нејзината соба.

Живееше под кирија, а дворот  го делеше со другите потстанари. Дворот беше мал и мрачен и некако се чинеше премногу груб за ова нежно цвеќе. Се реши да го чува покрај својот прозорец и да се присетува секое утро кога ќе стане на него. Нејзината соба беше исто мрачна, без доволно светлина.

Таа ја сакаше светлината, но за среќа ретко беше дома и ја добиваше енергијата на Сонцето надвор, за да се прибере касно навечер дома кога енергијата на Сонцето спласнуваше.

Беше лето. Нејзиното растение имаше потреба од вода. Секое попладне.

Бонсаиото се полева различно во зависност од годишното време. Но, таа не знаеше и не се ни трудеше да најде повеќе информации околу тоа. Некаде порано го видела на слика и толку ѝ се допаѓаше, што штом го виде веднаш посака да го има. Делуваше толку егзотично и суптилно. Но, источната суптилност бара повеќе, бара посветеност која таа не можеше да ја даде. Или едноставно не можеше да си ја приушти. Одеше на работа и немаше време да даде тронка љубов на ова растение, симбол на една далечна источна култура која ја обожаваше.

Го полеваше наутро, пред да оди на своето работно место. Во тој момент помислуваше на него.

„Зарем може да ми купи се? Зарем може и љубовта да ми ја купи?“

Можеби некогаш и би можело, да не ја искусеше онаа вистинската.

И зазвони телефонот. Беше тој.

„Стигнав“ – рече.

„Не знам дали може денес да се видиме“.

„Не знам за денес, денес сум на работа, би можеле утре.“

Не сакаше да го види, тоа го знаеше длабоко во себеси, но мораше да го направи тоа, пред се од учтивост и благодарност. Благодарност зошто сакаше да ја сретне, да ја види и покрај што претчувствуваше некоја нерешителност во нејзиниот глас, затемнетост во неговата јачина.

Ја спушти слушалката.

Се разбуди после долга несона ноќ. Бонсаито почнало да венее, се скрушило неговото стебло, жедно за вода. Тоа беше знак. Знак дека ќе го види за послден пат.

Почувтсвува одредена нелагодност, некоја тромавост и посака да седне. Понекогаш сакаше нивната љубов да успее. Пребарувајќи го неговиот број се мислеше како да му каже дека веќе нема да се видат.

Секако кога ќе го види утре, тоа ќе го види во нејзините очи. Ќе го види во нејзиниот глас, а и секако веќе го знае тоа од телефонскиот разговор.

Не, нема да го види тоа во нејзините очи. Можеби нема да може да го погледне за да му ја каже суровата вистина.

Само што се сретнаа, таа изусти: „ Бонсаито овена,  а и мене некако ми овена денов, за жал. Колку го чекав викендов и секако нашата средба.“

„Не е важно, еве сега одиме да купиме ново. “

„Не сакам ново, тоа беше создадено за мене, тоа беше мое бонсаи. Едноставно прилегаше на мојата душа. “

„Секое бонсаи е посебно, да, верувам дека навистина ти се допадна и жал ми е. “

„Да, плус ова беше дабово. Дрвото кое го сакам. Дрвото на истрајноста. Не знам како можеше толку брзо да овене. Тоа кажува нешто за нас, нели? Можеби е некој знак? “

„Ах, не би требало не верувам во тоа. “

„Да, знак дека нашава љубов нема да истрае. “

„Не зборувај така, јас верувам во нас. Затоа и дојдов, дојдов со првиот лет, за да те видам. “

„Знаеш дабот има некои натприродни моќи и се верува дека и не треба се сече, дека оној што ќе го пресече ќе има зла судбина. “

„Ех, не верувам во такви работи. “

„Да, но јас верувам и знам дека ова е некаква порака. “

„Зарем, зарем вака ме пречекуваш? Летав неколку часа само за да те видам, а ти ме пречекуваш со твоите глупави предрасуди? Си одам, одам во хотел и утре заминувам за Лондон. Ако сакаш нешто да ми кажеш, јави се, знаеш каде да ме најдеш. “

Остана занемена, но немаше храброст да изусти збор, ниту пак да му се јави во хотел.

Следниот ден мислеше што ли ќе се случеше ако се јавеше, ако му кажеше дека и е жал. Имаше некоја грижа на совест која и го гризеше срцето.

Пушти радио за да ја разбие монотијата во собата каде се излежуваше. Мразеше неделни утра.

„Спасувачките екипи се обидуваат да ги најдат преживеаните и телата на загинатите по денешниот пад на патничкиот авион во кој имаше 98 патници и членови на екипажот, а кој се урна во населено место во близина на британскиот главен град. “

Знаеше дека е тој, знаеше дека тој бил во авионот. Си вети дека веќе нема да верува во љубов на далечина. Тоа беше најрцн ден во нејзиниот живот, ден кога сфати дека навистина е дел од една зла судбина. Нејзиниот живот се претвори во кошмар.Мораше да бара спас во своите неостварени соништа. Зошто избега од оној кој можеше толку лесно да се оствари. А веруваше, веруваше дека некој друг е крив за нејзината грешка, но којзнае? Можеби бонсаито?

Беше премногу лудо, за да биде вистинито.

Напишете коментар