Skip to content

Куфер – Софија Петковска

  • by

Решив да заминам.
Некаде далеку.
Онаму каде срцето на дајре танцува.
Онаму каде душата хоризонтот го бакнува.
Онаму каде градите спокојот го дишат.
Се стокмив,
се дотерав,
чиниш на корзо одам
и во мојот куфер стар
почнав лека полека да редам:
ред облека,
ред книги,
ред чевли,
ред спомени,
ред желби.

Куферот мој стар…
Го затворив со тага,
го заклучив со љубов
и го понесов со надеж.
Излегов од школката,
зачекорив кон иднината.
И така целата стокмена,
на една трошна клупа седнав
возот мој да го почекам.
На мене здолниште од сомот
и кошула од лен.
А косите в плетенка збрани.
Во прамените медови,
еден полски цвет.
До нозете куферот мој,
тежок еден тон.
А небо сино,
мирис на дуњи во воздухот,
снопови сено
и булки покрај шините.
Татнат возовите темни.
Доаѓаат и си одат.
Заминуваат и пак се враќаат.
Ко птици преселници.
Ко мали ластовици.
Татнат ли татнат.

А јас…
Јас мојот воз си го чекам.
Куферот на нозете го ставам,
кроце го отворам
и во него дел од себеси барам,
ко песок на жешкиот југ
камелии бели што бара.
Та имам време,
си велам,
дур мојот воз да дојде.

Едно по едно нештата ги вадам,
ги разгледувам,
одмоткувам,
делам и повторно составувам
и во себе се прашувам:
што ли да оставам?
Што ли со мене само да понесам?
Но, јас сум куферот!
Како ли да се пресечам?
Сè ќе понесам забога!
Го затворив куферот силно,
оти пат долг ме чека,
а се’ што е во него негибнато треба да биде.
И ете, мојот воз дојде.
Со насмев станав од таа клупа стара.
Кон мојот воз поитав,
а по патот улични свирачи.
Друшка ми беа.
Тамбури ми свиреа ли свиреа,
песни со љубов ми пееја,
а јас со куферот свој
на возот се качив
и заминав
таму,
каде душата одново се раѓа.

Софија Петковска

Напишете коментар