Skip to content

Мемоари на една средовечна жена (трет дел) – Силвана Панева

Ова ми е веќе четврта бессона ноќ, го погледнав часовникот, а сонот никако не ми доаѓаше. Станав околу три часот изутрина, и седнав да напишам нешто. Не знам дали воопшто ме бидува за оваа работа, но само вака можам да ги изразам своите најдлабоки чувства.

На шеснаесет години го запознав мојот иден маж. Тој беше околу пет години постар од мене. Тогаш бев срамежливо девојче и вниманието никогаш не ми го задржуваа момчиња слични на мене. Сакав момче спротивно од мене: популарен во средината, помалку див, премногу свој и да ме сака со сите мои недостатоци и доблести. Во него го најдов тоа што на тие години го сонував. По неколку годишно забавување одлучивме да стапиме во брак. Во осумдесетите години на минатиот век младите прилично млади решаваа да пловат во брачните води, таа “мода” ја следевме и ние.

Уште во првата година на заедичкото живеење, направивме куќа со помош на родителите и се роди нашиот син. Иако бевме млади запловивме полека но сигурно во светот на возрасните и во проблеми кои си годините сами се наметнуваа. За кратко време станавме свесни дека бракот и безгрижното држење за рака се толку многу различни.

Сепак, тогаш бевме вљубени, имавме дете, кров над главата и тоа ни беше повеќе од доволно. Се сеќавам со колкава радост и љубов ја средувавме нашата нова куќа. На почетокот во дневната соба имавме полски кревет, четири полски столчиња и една масичка. Секој ден во вазна ставав цвеќиња од дворот, и мислев дека живеам во палата. Најмногу се радував на теписоните што се простираа во сите соби.Тие мигови на среќа уште долго си ги прераскажувавме во годините што следуваа.

По две години се роди и нашата ќерка, а мажот ми по неколку месеци поради подобра егзистенција замина да работи во Либија. Во таа Либија во која три децении подоцна на брутален начин го убија Гадафи, и еве веќе девет години не успеваат да го обединат народот и воспостават мир во земјата. За тогашниот близу едногодишен престој во Либија мажот ми има убави сеќавања. Тогаш Либија на големо напредуваше и тој учествуваше во еден голем проект – Масерати.

Откако тој замина, останав на неполни дваесет и три години дома со две ситни деца. Тогаш мислев дека од тие грижи поголеми нема. По неговото доаѓање децата не го познаваа. Тогаш единствено средство за комуникација беа писмата, и тие каснеа по една недела. Набргу децата му се приближија и продолживме нормално да живееме.

Целта по која замина ја оствари, се врати со поголема сума пари и наскоро убаво ја опремивме куќата. Како голем хедонист не штедеше пари, а за волја на вистината и јас го поддржував. Парите ги потрошивме по патувања и за неколку месеци од ”силните пари” ни останаа само убави спомени. Повторно замина преку фирмата во која работеше на работа во тогашна Југославија. Јас се вработив, а децата веќе потпораснаа. Се сеќавам na радоста на децата, кога  пред една Нова Година им донесе од Загреб најубави украси за елка. Децата се радуваа, а мир и спокој се ширеше во нашата куќа.

Тој е човек што никогаш не мирува и не се задоволуваше со просечност. Затоа кога децата беа во пубертет повторно замина на работа во Русија. Една година беше во Москва, а четири години во Сибир. Престојуваше шест месеци таму, а кога ќе си дојдеше, по неколку дена  повторно заминуваше. Се сеќавам дека секое негово заминување и доаѓање од Русија го прославувавме. Сите наши роднини и пријатели ги канеше, а во дневната соба знаевме да се собереме како сардини во конзерва. Можеби од денешна перспектива е малку чудно, но во тоа време навистина  се почитувавме меѓусебно и владееше пријателска атмосфера.

Верувам дека ниту нему не му било лесно на минусни температури да работи во Сибир. Не ми беше лесно и на мене со двајца тинејџери, но некако ги поминавме тие години на раздвоеност. Конечно по дваесет години патувања и грижа за подобра иднина на фамилијата, се врати дома и отворивме наша фирма. Во меѓувреме и синот заврши средно образование и веднаш почна да работи со татко му. Морам да признаам дека секогаш тој се грижеше за финансиите, а јас за домашните работи. Ако требаше да ги смениме улогите веројатно ќе бевме повеќе гладни отколку сити, а куќата би била во вечен неред.

На почетокот од неговото враќање дома, не можевме веднаш да се усогласиме како на почетокот на бракот. Долгогодишната раздвоеност си го направи своето. Имавме сосема различни навики во секојдневниот живот, и тешко успевавме да се вратиме на ист колосек. Тој беше научен на отсуство од домот, и по природа си е боем, а јас најубаво се чувствував дома. И двајцата се трудевме да ја вратиме смеата и убавото расположение, како некогаш, но некако, тешко ни успеваше.

Кога имавме скромни услови за живот многу посреќни бевме, отколку кога можевме да си дозволиме сè што ќе посакаме. Многу ми сметаше неговото отсуство од дома, и тоа што најмногу ми се допаѓаше кај него пред многу години, наеднаш почна да ми смета. Подоцна влегов во некој филм дека ќе успеам да го сменам, и ќе го прекројам по мој терк. Сега се смеам на моите погрешни убедувања, затоа што не можеш никого да го промениш, доколку тој не чуствува потреба за промена. Но, очајно сакав да ни се врати поранешниот живот и правев нелогични работи.

Две – три години траеја моите бескорисни обиди, подоцна сватив дека не треба да форсирам ништо, туку најпрво кај себе треба  да сменам некои лоши навики. По стотици прочитани книги како да се просветлив, не трчав веќе како ”прле пред магаре”. Знаев дека нема да ми падне круната од главата ако постојано се обидувам да  бидам во право. Многу поважен ми беше сопствениот мир и среќата на мојата фамилија. За среќа, веројатно и тој ја виде мојата позитивна промена и веднаш се смени и неговиот однос кон мене. Благосостојбата повторно чукна на нашата врата.

За само пет години се родија нашите четири внуки. Со секое раѓање на нов член на фамилијата станувавме побогати за нови животни радости, тие ни го обоија животот со боите на виножито.

Овој 11 Октомври, навидум ист како и останите денови, освен што беше празничен, ветуваше дека ќе биде мирен и релаксиран ден. Тој замина во фирмата која по дваесет годишно постоење прерасна во голема и искусна фирма. Иновациите што синот ги спроведе беа полн погодок, и искуството на татко му беше добродојдено. Од голем боем и човек кој никогаш не мирува, мојот маж се претвори во одговорен: маж, татко и дедо. Ние двајцата оддамна ги надминавме проблемите, грешевме и двајцата, некогаш јас, некогаш тој. Сепак успеавме да го сочуваме бракот и коцките почна да си доаѓаат на место. Реално гледано за брак кој трае близу четириесет години мислам дека и добро поминавме, невозможно е човек да биде цело време среќен.

Но еден телефонски разговор го разниша мирот што го живеевме, добил мозочен удар и итно беше пренесен во една од скопските приватни клиники.

И повторно нова реалност на повидок и нова борба, овојпат за живот. Моите деца и снаа ниту за момент не ме оставија сама во овие тешки моменти, а постојано се на релација Штип – Скопје и обратно. Сплотени како еден ги минуваме овие тешки денови на искушение. Морална поддршка имаме и од неговите и моите роднини и пријатели. Тоа значи дека сепак постои човечноста и на сите им благодарам за благословите што секојдневно ги праќат. Тој е навидум човек со остар поглед, знае и сочно да опсуе, но длабоко во него “седи” човек со огромно срце колку Русија. Можеби не знае постојано да искажува љубов, но знам дека искрено ги сака луѓето. Мислам дека од него не добил помош, само оној кој не ја побарал. Понекогаш и на своја штета.

Неколку дена е на работ помеѓу ЖИВОТ И СМРТ, и навистина не знам каков ќе биде конечниот исход? Но додека ги гледам моите деца со колкава надеж веруваат дека еден ден ќе се врати оној “грубијан со нежно срце”, и на мене не ми останува ништо друго освен да се надевам. Една пријателка вчера напиша статус од Големиот Иво Андриќ ”Што не боли, тоа не е живот, што не поминува тоа не е среќа”. Длабоко ме допреа двете реченици, во кои има голема вистина.

Секој ден од животот живејте го силна страст и љубов, сакајте ги роднините и пријателите. Зошто, којзнае, можеби само за неколку мига, сето тоа ќе биде само едно сеќавање.

Силвана Панева

Напишете коментар