Skip to content

Сивило на човечноста – Ирена Блажеска

  • by

Знаеш…ништо веќе не може да биде како што било. Животот стана премногу суров, како исушена роза исфрлена на улицата, изгазена, искината, уништена. Такво време баравме, еве такво време и ќе добиеме. Суво, без голтка надеж, без мирис на река, без свежина, без убавина вдахната во синонимот на насмевката. Живот во кој нема насмевки, нема искреност, само празнина оставена на крајот од тунелот.
Никој ама баш никој не сака да ја види онаа мала човечност која останала сокриена зад погледот на добрината, погледот кој ги крие сите тајни на доблеста.

Ах добрина…ја нема, исчезна во воздухот како пареа која безболно се изгубила во нашето вчерa, а знам само таа може да биде билетот за утре, билетот за иднината. Но..,сега можеме само да стоиме во место. Да чекаме да светне надежта, да се вдоми љубовта, сè да биде прекрасно, како некогаш, кога бевме мали. Како некогаш кога раскрвавените колена беа единствената болка заради која пуштавме по некоја солза. Само тогаш знаевме како е да се плаче, знаевме како е да боли, но да боли од среќа, од моменти на радост, моменти кои никогаш повторно нема да бидат преточени пред нашите очи. Но денес, денес е друго време, денес е брзо време, бега толку магично, додека погледнеш само една искра. Додека посакаш само една желба, се заминало во вчера. Е такво време живееме денес, имаме се, но среќа…можеби сме среќни, но веќе не сме човечни.

Ирена Блажеска

Напишете коментар