Skip to content

Како може да се препознае зависност од социјалните мрежи?

Повеќето луѓе во денешно време користат социјални мрежи без оглед за која старосна група се работи. Предностите и маните од употребата на користењето ги пишувавме во претходни написи. Со експанзијата од паметни телефони нивната употреба уште повеќе се зголеми. Ова дополнително значи дека и пристапот до социјални мрежи е на само еден клик од нас, а со тоа стануваме предиспонирани и за развивање на зависност од истите.

Прекумерната употреба од нив во секојдневниот живот може да создаде потреба за компулсивно, бесцелно прелистување кое одзема значителен дел од времето. Се појавува и таканаречен еден вид “страв“ дека нешто ќе се пропушти ако не бидеме постојано онлајн. Ова може негативно да се одрази на концентрацијата и вниманието, квалитетот на сон, занемарување на приоритетни обврски, социјална интеракција во реалниот свет. И во краен случај може да води до зголемена анксиозност и депресивна состојба.

Што може да влијае на развивање ваков вид зависност?

За да можат да профитираат основачите на социјалните мрежи тие се дизајнирани да привлекуваат внимание и да го одржуваат истото. Го постигнуваат тоа преку самиот изглед како и преку содржините и можностите што ги нудат. Направени се така што ќе го стимулираат лачењето на допамин (хормон за среќа), како позитивно поткрепување кога на овој начин се остварува интеракција, се добиваат лајкови, коментари, следбеници и слично. Важно е да се спомне дека потполно ист механизам постои кај различните облици зависности (хазардни игри, пушачи, корисници психоактивни супстанци).

Колку е поткрепувањето поголемо толку тоа ќе влијае на одреден број луѓе да поминуваат сè повеќе време на социјалните мрежи, да се трудат околу објавите за да добијат повеќе лајкови и коментари, за да бидат споделувани повеќепати.

Животот почнува да се врти околу тоа како ќе се прикажува на социјалните мрежи, а ова може штетно да се одрази на други сегменти во животот.

Важен момент при овој вид зависност е потребата секогаш да се биде во тек со тоа што се случува во виртуелниот простор, во чијашто срж е страв од пропуштање на нешто важно.

Луѓето кај кои постои овој страв имаат потреба од моментално проверување и одговарање на секоја нотификација плашејќи се да не бидат запоставени од нешто. И да не пропуштат некој повик за некој настан, некоја дискусија или трач во некоја група и слично.

Она што дополнително може да ја потхранува зависноста е потребата од социјалните мрежи како еден вид употреба на одбранбените механизми, за личноста да се заштити од осаменост, досада, анксиозност или депресија. Во овој случај тоа се проблеми кои постојат примарно во однос на зависноста. Така овие чувства се потиснуваат, негираат, маскираат, се туркаат под тепих каде што се усложнуваат. Социјалните мрежи имаат свои предности, но не смее на нив да се гледа како на трајна замена за непосреден контакт.

Кои се показатели на зависност од социјалните мрежи?
Посветување повеќе време и внимание на активностите во виртуелниот свет отколку во непосредна социјална интеракција

Личноста станува поповлечена, изолирана. Дури и кога е во друштво има потреба постојано да го проверува телефонот и главен фокус е на социјалните мрежи. Темите на кои најчесто се зборува се: кого почнала да го следи, а кој нејзе почнал да ја следи, колку лајкови добила и коментари на фотографијата итн.

Запоставување обврски

Покрај стравот од пропуштање нешто важно почнуваат да трпат обврските поврзани за училиште, факултет, работа, семејство. Индивидуата ги запоставува своите хобија, станува “роб“ на социјалните мрежи кои стануваат приоритет. Постојано е со зголемена напнатост, анксиозност, стрес, и во исчекување на случувања во виртуелниот свет.

Впуштање во ризични однесувања

Индивидуата прифаќа таканаречени предизвици кои кружат по социјалните мрежи, за да добие колку што е можно повеќе поддршка преку лајкови, коментари, споделувања. Предизвиците можат да бидат опасни по живот, да се базираат на вознемирување други луѓе, врсничко насилство, злоставување животни. Тренд е на социјалните мрежи младите да се “фалат“ колку и што испиле, да се снимаат во текот на возење автомобил и слично.

Ослабено внимание и концентрација

Потребата постојано да се биде во тек со новите објави и информации на социјалните мрежи може да делува како преплавување на мозокот. Ова пак доведува до невозможност на фокусирање на некоја друга активност подолго од неколку минути. Нотификациите кои стигнуваат постојано го прекинуваат мисловниот тек и фокусот се преместува на нив баш кога индивидуата ќе успее да се сосредоточи на нешто друго. На пример во моментот кога учи.

Ако се користи мобилен телефон пред спиење тоа негативно се одразува врз квалитетот на сонот. Изостанува времето во кое индивидуата е сама со себе бидејќи ѝ е незамисливо да биде офлајн. Тоа време е од исклучителна важно за “полнење батерии“. Тоа понатаму се одразува на целокупната ментална исцрпеност.

Чувство на интензивна емоционална преплавеност кога батеријата на телефонот е минимална

Тогаш индивидуата се чувствува ужасно, преплавено со анксиозност, паника и бес кога нема можност да го наполни телефонот.

Дали се препознавте себе во некој од овие точки? Дали се обидовте да направите нешто за да се ослободите од зависноста? Пишете ни во коментар дали се чувствувате зависни од користење социјални мрежи.

Прочитајте го и текстот за вредносниот систем на компанијата “ејпл“.

Напишете коментар