Skip to content

Писмо до тебе – Анастасија Лефкоска

Ова е писмо до тебе ѕвездо моја.

Тука во него јас како дете после кошмар плачам по тебе. Знаеш ли ѕвездо моја, колку боли? Знаеш ли ти рано моја колку е љубовта проклета? Секако дека знаеш, ти го гледам тоа во очите секој пат кога ќе поминат преку мене секогаш кога ќе се појавам. Не грижи се ѕвездо моја. И јас те гледам тебе. Ја палиш цигарата знаејќи колку многу го мразам тоа, ги затвораш очите како да се сеќаваш на моите зборови, го издишуваш димот како да сакаш да ги заборавиш.

Сакав и јас да ги заборавам желбо моја, сакав да ја заборавам болката, да ја издишам омразата, и слободно да ти кажам колку многу те љубам, да ти застанам во рацете и таму да заспијам чувствувајќи го твојот мирис и слушајќи го твоето срцебиење што со текот на времето ќе се изедначи со моето. Не знам што да правам љубов моја, не можам да издржам повеќе. Плачам додека надвор истура дожд.

Се сеќавам на нашата последна средба, грми, истура, а јас плачам по тебе, по нас, додека шминката ми се слева и ми ги црни образите. Зошто знам дека ако беше тука до мене, ќе ме земеше во рацете, ќе ми го избришеше креонот од поцрвенетите образи и ќе ми ги бакнеше отечените капаци велејќи дека ние сме најголемите несреќи на овој свет.

Бакнувајќи ми ги образите ќе ми речеше дека сè ќе биде во ред и нежно бакнувајќи ми ги усните во нив ќе прошепотеше зошто секогаш ќе ме сакаш. А јас ќе ти ги допрам образите, ќе ги затворам очите чувствувајќи ги твоите влажни усни на челото и уште повеќе ќе почнам да плачам, сѐ додека силно не ме прегрнеш и низ солзи не прошепотиш дека можеби, само можеби, ако имаме доволно среќа ќе се сретнеме во некој друг живот, некој посреќен од сегашниов. И можеби имаш право ѕвездо моја, можеби навистина ние после овој суров живот, ќе се сретнеме во некој нов, во нечие туѓо минато, каде што повторно ќе ме сакаш, каде што повторно искрено и чисто ќе те љубам.

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар