Skip to content

Милош Црњански, поет, раскажувач, романсиер и публицист, бил роден на денешен ден

Милош Црњански бил српски книжевник и еден од најзначајните творци на српската книжевност во 20 век. Исклучителен е како поет, раскажувач, романсиер и публицист. Познат е и како ликовен критичар.

Црњански е роден 26 октомври 1893 година во Чонград, во Австроунгарија (денес Унгарија), во осиромашено градско семејство. Неговиот татко Тома бил чиновник кој поради своето темпераментно застапување на српската малцинска политика бил „протеран“ од Банат, од Иланџа (која Црњански ја нарекувал Иланчо, по нејзиното старо име) во Чонград, кој според Црњански бил некаков вид „тогашен чиновнички Сибир”. Мајка му се викала Марина Вујиќ, била родена во Панчево.

Од 1896 година тој растел во Темишвар, во патријархално-патриотска средина што ќе му создаде култ кон Србија. И нејзиното минато ќе го всади во неговата душа како најсилна реликвија. Најдлабока и најтрајна сензација на своите детски и младешки години доживеал во типично српски национални и верски содржини: црковно училиште, икони на свети Сава, темјан, православно српско гробје со ритуални погреби и задушници, вечерни приказни и песни за Србија, ајдукување и набивање на колец — сето тоа со детски емоции се претвора во траен немир и непресушен извор, надеж, радости, сомнежи, разочарувања и воскревања.

Основно училиште завршил во српска вероисповедна школа кај учителот Душан Бериќ во Темишвар. Матурирал во темишварска гимназија кај католичките фратри пијаристи. Според сопствените зборови, бил среден ученик до татковата смрт, односно до петтото одделение во гимназијата, а тогаш решил „во иднина да биде меѓу првите“, што и остварил. Во летото 1912 година заминал во Опатија, а потоа се запишал во речна експортна академија. Играл фудбал во клубот „Викторија“ на Сушак (источен дел на Риека). Во 1913 година се запишал на медицина во Виена но тој факултет никогаш не го завршил.

Најраните почетоци и стилот на пишување

Првата песна „Судба“ Црњански ја објавил во сомборското детско списание „Голуб“ во 1908 година. Во 1912 година во сараевска „Босанска вила“ е печатена неговата песна „На почетокот беше сјај“ („У почетку беше сјај“).

Иво Андриќ за него велел „ од сите нас единствено Црњански беше роден писател, сите ние учевме како да станеме тоа“. Милош се издвојувал по стилот и ритмичноста со која се одликуваат неговите реченици. Често користел запирки. Некои на тоа му замерувале, но не сакал да се одрекне од таа одлика на неговиот единствен израз.

„Им се смееја на моите запирки. Запирките се желба за логика. Тие се желба на читателите да им се наметне волјата од писателот. Можеби тоа не е којзнае колку убаво, но е неумоливо“, велел Црњански.

Романот кој се смета за едно од најважните дела на овој писател се вика „Сеобе“. Објавен бил во 1929 година, и набрзо постигнува голем успех. Писателот за неа добива и награда, а во Франција ова дело е прогласено за странски роман на годината.
„Бескраен, плав круг. Во него, ѕвезда“, е лајт мотивот во овој прочуен роман за семејството, лутањето и историјата.

Живот во Лондон и потоа враќање во Југославија

Веста за бомбардирањето на Белград ја дознал додека бил во Рим. Преку Лисабон стигнува до Лондон каде што останал сè до 1965 г. Го сакал Белград, но живеел и во Англија. Поради антикомунистичките ставови во татковината му е припишан епитет десничар, а некои го карактеризирале и како фашист.

Животот во Лондон не му бил лесен, но со него била сопругата Видосава чиешто моминско презиме било Ружиќ. Во текот на животот во емиграција таа шиела кукли и фустани. Црњански еден период бил книговодител, потоа курир и келнер. Пред крајот на животот Вида Црњански во тестаментот запишала како со него “ја делела радоста на неговата слава и горчината на неговото страдање“.

Црњански се враќа во Југославија 1965 г. Му се радувал на Белград за кој чувствувал носталгија во текот на повеќедецениското отсуство. Тие чувства ги опеал во стиховите на прочуената песна „Ламент над Белград“

Во тебе ја нема мојата човечка тага.

Ти имаш стрелечки поглед прав и нем.

Ти и плачот го претвораш како дожд, во шарени виножита,

а ладиш како далечен бор, кога ќе те вдишам“.

Покрај извонредниот талент и наградуваните дела, Црњански по мислењето на тогашните академци и членови од комисијата не заслужувал да биде редовен член на САНУ. Била донесена одлука да биде примен како член дописник, но тој го одбил барањето.

Најпосле, мене не ми е жал за никого, најмалку за себе. Ние треба да исчезнеме, ние не сме за живот, ние сме за смрт. За нас ќе дојде подобар век, тој секогаш доаѓа“. (Мисла од Црњански)

Дванаесет години после враќањето тој починал во Белград. Погребан е во Алејата на почесни граѓани на Новите гробишта.

Наградата која го носи името на овој прочуен писател се доделува на секои две години на 26 октомври, на денот на неговото раѓање.

Некои од добитниците на ова признание се: Душан Ковачевиќ (1983), Борислав Пекиќ (1989), Александар Гаталица (1993), Петар Зец (2005) и Горан Гоциќ (2013). Ѓорѓе Деспиќ е последниот кој е награден во 2019 г. за книгата „Песни и други лузни.

Напишете коментар