Skip to content

Збогум со приказна – Анастасија Лефкоска

Еден ден ќе се качам на авион и ќе одлетам одовде. Ноќе, тивко, без никој да знае ќе си ги спакувам куферите, ќе ја бакнам вратата од домот што ме израснал и ќе тргнам кон тебе, ќе го следам црвениот конец што ми е врзан на малото прсте и каде што ќе ме одвлечка тој таму ќе запрам. А може и никогаш да не запрам. Може и да скокам од континент на континент, од земја на земја. Далеку каде што е песокот ситен и тече Нил и секоја секунда претставува едно зрно од тој топол песок.

И секоја капка од студената вода ги претставува животот и долговечноста па сè до таму каде што сѐ е снежно и снегот тежнее на Алпите и старите земјишта ги штити од острата рака на времето. А кога ќе ми досади копното ќе се исценкам за некое бротче и ќе пловам сѐ додека некоја бура не ме исплаши. Или пак црвениот конец повторно не ме повлече. Не знам ни дали ќе те барам, ни дали ќе те најдам. Не знам ни дали ќе ме бараш ни дали ќе ме најдеш. Но знам дека нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам.

Ќе ја превртам земјава однаопаку за каде и да појдеш да ги пронајдеш моите стапки. И во снегот и во песокот, и на копно пораките. И во море и океан писменцата што во стаклени шишенциња секогаш од различна локација ќе ти ги испраќам тебе. Во Венеција ќе пловам по каналите додека душата ќе ми ја параат песните на гондолиерите. Во Верона ќе пејам јас, под прозори, под балкони, по тесни улички во темници долж таа судбоносна уличка до куќата на Јулија.

Таму во ѕидот ќе ти оставам писмо. На македонски, англиски, италијански, шпански, единаесет листа долго, единаесет пати превиткано, единаесет пати прешкртано, единаесет пати препишано. Ќе пишува таму дека целиот свој живот те сонувам, ќе пишува таму каде јас на крај ќе те чекам.
Потоа ќе ја бакнам раката на Јулија за среќа и со првиот авион од Милано ќе заминам во Будимпешта. Таму до рани зори ќе играм Чардаш. Ќе се коцкам со војници пуштени за викенд, ќе пеам со пропаднати оперски диви пловејќи по Дунав покрај огромната, осветлена зграда на собранието.
На крај, за последен пат ќе се спакувам, ќе ја земам ‘Го сакам Холивуд’  што ја купив кога бев седмо и симболично додека те чекам во Њујорк, таму во едно собиче на периферијата покрај гласот на Андреа Бочели ќе ја прочитам.

Напишете коментар