Skip to content

Биографскиот филм „Слободни писатели“ за револуционерниот чекор на младата професорка во образованието

Ричард ЛаГравениз ја напишал и режирал биографската драма за професорката која е подготвена да се жртвува за учениците за да им овозможи подобра иднина. Односно таа ги учи да бидат емпатични и толерантни, покрај другото. Ако ги имате гледано „Друштвото на мртви поети“ или „Опасни мисли“ и биле по ваша мерка, драмата „Слободни писатели“ (2007) исто така ќе го задржи вашето внимание. Филмот е базиран врз книгата The Freedom Writers Diary (1999) од Ерин Грувел. На Good Reads е оценета со 4.1/5, и е бестселер.

Кратка содржина

Ерин Грувел која ја глуми Хилари Сванк го напушта својот роден град и почнува работа како професорка во едно англиско училиште во Лон Бич, Калифорнија. Нејзиниот ентузијазам кој на почетокот е преголем почнува да опаѓа бидејќи сфаќа дека си има работа со проблематични ученици. Тие немаат ниту емпатија, но им недостига и желба за знаење каква што младата професорка посакува да ја имаат. Одделението е поделено според расната припадност, тепачките се вообичаена појава, а некои ученици одбиваат и да следат настава.

Ерин не се судрува само со отпорот од учениците туку и шефот од одделот и задава дополнителни главоболки. На предупредувањето од директорката таа одговара: „Всушност јас го избрал „Вилсон“ поради интернационалната програма. Мислам дека ова што овде се случува е многу возбулдиво“! Не ја спречуваат препреките на кои наидува, таа е упорна, и не се откажува лесно од нејзината мисија. Покрај сите проблеми и надвор од училиштето, младата професорка е подготвена да го потроши и последниот атом сила за да им ги промени навиките и однесувањата на своите ученици. Таа им го нуди образованието како излез од девијантноста и хаосот.

Во улога на нејзин сопруг се појавува Патрик Демпси, а во споредни улоги се појавуваат и многу млади актери кои добро се внесени во улогите: Април ли Хернандез, Марио Џејсон Фин и други.

Како се одвиваат нејзиното залагање и труд?

Учениците живеат во ветот на криминалот и улицата, а професорката успева постепено да се зближи со овие маргинализирани деца кои живеат во сиромаштија. Со помош на нејзиното бескрајно трпение и труд ја воспоставува посакуваната комуникација со нив и сама се бори да собере приходи за учебници и излети со кои работи дополнителна работа, бидејќи самото училиште не сака да троши ресурси на ученици кои не напредуваат.

Професорката ги запознава со книги кои не се вметнати во редовната програма, почнуваат да читаат извадоци од „Дневникот на Ана Франк“ и други дела со кои полека тие ќе навлезат во светот на литературата и истата ќе ја засакаат. Со читањето наоѓаат еден вид “бегство“ од секојдневието, се запознаваат со животите на ликовите и се учат на емпатија. На тој начин стануваат посвесни за туѓите проблеми, и сфаќаат дека нивните животи не се најтешки.

Вонучилишни настани за да им ги приближи важните историски моменти

Интересен момент е посетата на меморијалниот музеј на Холокаустот која е во целосна организација на Ерин. Таму нејзините студенти имаат можност подобро да се запознаат со целата историја на жртвите и учесниците во него. Потоа дури организира и средба со преживеаните од тој период кои преку живи сведоштва им раскажуваат на студентите нивни стории.
Посакуваниот напредок после многу жртви сепак е постигнат. Учениците што мразеа да читаат и пишуваат поттикнати почнуваат да го прават тоа и да се интересираат за книжевноста. Накрај училницата и професорката Грувел почнуваат да ја сметаат за свој дом.

Овој филм од друга страна прикажува и дека големата посветеност на просветниот работник има цена, бидејќи поради невозможноста да му се посвети целосно, сопругот ја напушта професорката. Филмот е базиран врз вистинскиот живот на професорката Ерин Грувел. Таа раскажува за нејзината авантура во поучувањето.

Можете да ја чуете нејзината страна од приказната на Тед разговор во видеото подолу.

Во видеото Ерин вели дека никогаш не сакала да им ја одзеде надежта на нејзините студенти. Кога зборува за улогата на ликот на Ана Франк, за нејзината трагедија потенцира дека Ана успеала да остане запомнета и после смртта. Моќта на зборовите, приказните, силата, и смелоста на едно мало девојче своите чувства, надежи и соништа да ги пренесе на хартија и да им даде глас и на безгласните. И најважно, надеж на безнадежните. Ова е главната порака која Ерин ја испраќа во ова нејзино излагање. Сто и педесет студенти ѝ испраќале писма на секретарката на Ото Франк која скришно носела хартија и храна во семејството. На 87 години ги прочитала сите писма што ѝ ги испратиле стдентите. Видела нешто во нив т.е. во нивните приказни, видела потенцијал, надеж. Прифатила да се сретне со нив долетувајќи со авион, раскажувајжи им за нејзината животна приказна и од тогаш нивниот живот засекогаш се променил.

На овој линк имате пристап до официјалнаата страна на фондацијата што го носи истото име како филмот која им помага на едукаторите во нивната мисија.

Напишете коментар