Skip to content

Џон Китс – поет чие име е напишано на вода

Џон Китс (31 октомври 1795 – 23 февруари 1821 година) бил англиски романтичарски поет. Заедно со Лорд Бајрон и Перси Биш Шели, тој бил еден од клучните фигури во втората генерација на романтичарското движење. Неговите дела биле објавени само четири години пред неговата смрт. Иако неговите поеми не биле општоприфатени од страна на критичарите во текот на животот, неговата репутација се зголемила по неговата смрт.

Кон крајот на 19 – ти век, тој станал еден од најсаканите англиски поети. Тој имал значително влијание врз поети и писатели од различни домени, како на пример: Хорхе Луис Борхес изјавил дека неговата прва средба со Китс било најзначајното литературно искуство во неговиот живот. Поезијата на Китс се одликува со сензуална метафоричност, најзабележителна во серијата на оди. Денес, неговите поеми и писма се едни од најпознатите и најанализираните во англиската литература.

Биографија – Рано детство

Џон Китс е роден на 31 октомври 1795 година, како син на Томас и Франсис Џенингс Китс. Китс и неговото семејство се чини дека го забележале неговиот роденден на 29 октомври. Податоците од крштевањето го даваат 31 како датум на раѓање.

Во април 1804 година, татко му на Китс починал кога имал осум години, откако си го скршил черепот, паѓајќи од неговиот коњ. Томас починал без да остави тестамент. Френсис се премажила по два месеци, но набрзо потоа, го напуштила новиот сопруг, а четирите деца отишле да живеат со баба им, Елис Џенингс во селото Едмонтон. Во март 1810 година, кога Китс имал 14 години, мајка му починала од туберкулоза оставајќи ги децата под старателство на баба им. Таа назначила двајца старатели да се грижат за нив, Ричард Абеј и Џон Сендел. Есента, Китс го напуштил училиштето на Кларк за да чиракува кај Томас Хемонд, хирург и аптекар, сосед и лекар на семејството. Се сместил на таванот над ординацијата на седмата Црковна улица сè до 1813 година. Кауден Кларк, кој му останал близок пријател на Китс го опишал ова како „најмирниот“ дел од животот на Китс.

Никогаш не станал аптекар, одлучил да станe поет

Парите секогаш му биле голема грижа и тешкотија, во борбата да не се задолжува и да се пробие самостојно во светот. Обуката на Китс му одземала голем дел од неговото време за пишување, па така тој почнал да се колеба околу неговата кариера во медицината. Тој се соочил со тежок избор. Првата поема која преживеала била „Имитација на Спенсер“ (An Imitation of Spenser), напишана во 1814 година, кога Китс имал 19 години.

Сега, силно воден од амбицијата, инспириран од неговите колеги поети, како што се, Ли Хант и Бајрон и опседнат од семејните финансиски кризи, тој претрпел периоди на депресија. Брат му напишал дека: „Џон се плашеше дека не треба никогаш да стане поет, и ако не стане ќе се уништи самиот себеси“. Во 1816 година, Китс ја добил лиценцата за аптекар, која го окфалификувала за аптекар, физичар и хирург, но пред крајот на годината, му соопштил на неговиот старател дека се одлучил да стане поет, а не хирург.

Убавината ја барал во вистината

Тој исто така редовно се среќавал и со Вилијам Хејзлит, моќна личност од книжевноста во тоа време. Тоа била одлучувачка пресвртна точка за Китс, поставувајќи го во очите на јавноста како водечка фигура што Хант го нарекол „нова поетска школа“. Во тој период, Китс му пишувал на неговиот пријател Бејли: „Јас во ништо не сум уверен како во светоста на срцевата наклонетост и реалноста на имагинацијата. Она што имагинацијата го зграпчува како Убавина, мора да биде вистинито.“ На крај, ова ќе се премине во завршните стихови на „Ода на грчката урна“: „Убавината е вистина, убавина на вистината – тоа е сè / што знаете на земјата и сè што треба да знаете“.

Во Вентворт Плејс ги напишал најважните дела

Џон Китс се преселил во новоизградениот Вентворт Плејс во 1818 година, чијшто сопственик бил неговиот пријател Чарлс Армитејџ Браун. Тој бил на крајот од Хемпстед Хит, на десет минути пеш јужно од неговиот стар дом во Вел Вок. Во зимата 1818 – 19 година, иако било тежок период за поетот и го одбележува почетокот на неговата исклучителна година (annus mirabilis) во која ги напишал своите најзрели дела. Тој бил инспириран од серија на неодамнешни предавања на Хејзлит за англиските поети и поетскиот идентитет и исто така го сретнал Вордсворт. Китс можеби им се чинел на неговите пријатели дека има добри приходи, но, всушност, тој редовно позајмувал од Абеј и неговите пријатели. Тој напишал пет од шесте негови најзначајни оди во Вордсворт Плејс во април и мај, и иако е дискутабилно за тоа по кој редослед се напишани, „Ода за Психа“, ги започнува објавените серии.

Ја запознал и големата љубов Фани Браун

Во 1818 година, кога е испечатена неговата прва книга, Џон Китс ја запознал осумнаесетгодишната Фани Браун. Ги запознал Чарлс Браун кој од нејзината мајка изнајмувал куќа во Хемпстед, тогашно предградие на Лондон. Фани била необична девојка – многу отворена и непосредна. На почетокот на поетот му се чинела чудна, особено поради страста кон облекувањето и редовните посети на баловите кон кои тој не бил наколонет.

Бил луд по неа и напишал:

Јас сум полуден по тебе. Не мисли на ништо друго освен на мене, Немој да живееш како јас да не постојам.Не ме заборавај! Но, имам ли некакво право да ти кажам да ме заборавиш? Можеби мислиш на мене по цел ден. Имам ли некакво право да сакам да си несреќна поради мене? Ти би ми простила ако посакам нешто такво, кога би знаела колкава е премолчената страст која ја негувам само за ти да ме сакаш, да ме сакаш како што јас тебе те сакам.

Не смееш да мислиш на никој друг, освен мене… ( ) Вчера и утрово ме прогонува прекрасна визија. Те видов во овчарски фустан. Сите мои сетила чезнееја за тебе! Колку моето срце беше посветено! Колку моите очи беа полни со солзи. Навистина, мислам дека вистинската љубов е доволна да го привлече вниманието и на најнескротливото срце. Биди сериозна! Љубовта не е работа со која се игра. И уште нешто, немој да ми пишуваш освен ако тоа можеш да го направиш со кристално чиста совест.“
Засекогаш Твој
Џ. Китс

Умрел на 25 години од туберколоза

За жал умрел многу млад од туберкулоза и не успеал да се вери со неговата љубов. Отишол во Рим во потрага по поблага клима, и таму на само 25 годишна возраст починал во рацете на неговиот другар Северн.

Китс сакал да биде погребан на место полно со љубичици. Епитафот кој сам го одбрал ја искажувала неговата свесност за привидот на човековото постоење:
Овде почива човек чие име е напишано на вода“.

Писма

Писмата на Китс биле објавени во 1848 и 1878 година. Во текот на 19 век, критичарите ги оцениле како невредни за внимание, пречка во неговата поетска работа. Во текот на 20 – ти век, тие станале исто толку обожавани и проучувани како и неговата поезија и се високо ценети во канонот на Англиската литература. Т. С. Елиот ги опишувал како несомнено „најугледните и најзначајните“ кои некогаш биле напишани од некој англиски поет.

Поважни дела

Поважни дела: „Изабела“, „Ендимион“, Ламија“, „Ноќта наспроти Света Агнес“, големите оди („Ода за индолентноста“, „Ода на грчката урна“, „Ода на психа“, „Ода на славејот“, „Ода на меланхолија“ и „Ода на есента“), и двете верзии на Хиперион.

Напишете коментар