Skip to content

Индиска приказна за две соседни кралства и трите статуи

Некогаш одамна постоеле две соседни кралства чиишто владетели никогаш меѓусебно не ратувале. Од друга страна неретко се случувало едното кралство на другото да му ја покаже својата мудрост и интелектуална надмоќ наспрема другото. И така секој празник за нив бил добар повод да ја демонстрираат својата остроумност. Поради тоа измислувале и меѓусебно си испраќале многу чудни поклони.

Еден ден владетелот од едното кралство го повикал неговиот најдобар скулптор во кралството и му дал една задача. Побарал од него да изваја од чисто злато три еднакви статуи од човечки облик и секоја да биде висока по точно една педа. Но, морале да се разликуваат само во едно нешто.

Тајната требало да ја знаат само тие двајца и никој друг.

После извесно време статуите биле извајани и кога дошол роденденот на владетелот од соседното кралство, тие му биле испратени како роденденски поклон.

Драг Комшија,

Ви го честитам роденденот и Ви го испраќам овој пригоден поклон. Иако на прв поглед сите три фигури изгледаат апсолутно идентично, меѓу нив се крие суштинска разлика и една од нив е поскапоцена од останатите две. Кога ќе откриете што е тоа, одговорете ми.

Штом го прочитал ова славеникот почнал внимателно да ја разгледува секоја од златните фигури, но набрзо увидел дека не се разликуваат апсолутно по ништо.

После некое време им наредил на своите поданици да ги измерат на најпрецизната вага во кралството, но ни тоа не дало резултати. Сите три биле подеднакво тешки. Во дворецот се собрале сите скулптори на тоа кралство и секој од нив внимателно ги разгледувале и изучувале малите златни фигури, но ниеден не успеал да открие никаква разлика помеѓу нив. Деновите се нижеле, кралот станувал сè поочаен што не може да ја одгатне загатката. Во кралството немало ниеден човек кој не слушнал за златните статуи, но и покрај тоа никој не успеал да пронајде решение.

Последен обид за одгатнување на загатката

Сè додека еден ден не се слушнале за некој младич кој пред тој поклон бил осуден и фрлен во темница поради дрскост и непослушност. Младичот наводно го знаел одговорот. Бидејќи не му останало ништо друго, кралот дозволил да го викнат младичот во дворецот за да ги погледне статуата, надевајќи се дека тој навистина може да ја реши загатката.

Го донесле пред кралот, му ги дале статуите и го оставиле да ги разгледа. После долгото изучување, младичот проговорил:

– Ваше Височество, овие статуи имаат во себе скриени пораки.

Заинтересиран кралот му дал знак со раката да продолжи. Младичо потоа побарал парче тенка жица, ја ставил во увото на првата статуа, а жицата излегла од другото уво.

– Господару, некои луѓе слушаат нешто на едното уво и дозволуваат да излезе од другото. Вашиот пријател со ова сака да Ви соопшти дека не треба да бидете во друштво со такви луѓе.

Потоа ја зел другата статуа и исто ја турнал тенката жица во увото, но овој пат таа излегла преку устата на статуата.

– Со оваа фигура вашиот пријател сака да Ви даде до знаење дека постојат луѓе кои нешто ќе слушнат и одма потоа на сите разгласуваат. Не би требало да се спријателите со таквите луѓе бидејќи во нив не можете да имате доверба.

Сега сите со големо внимание гледале кога младичот во раце јазел третата статуа. Ја ставил тенката жица низ увото, но таа не излегла од никаде!

– Мој господару, оваа статуа ги претставува оние луѓе кои кога ќе чујат нешто, го чуваат тоа за себе. Пораката на оваа статуа е дека ваквите луѓе се драгоцени пријатели и вредни животни сопатници. Вашиот пријател Вам всушност ви ја поклонил оваа статуа.

Кралот го повикал својот гласник и му наредил да му се заблагодари на својот комшија на генијалниот поклон, а младичот да го пушти на слобода.

Прочитајте ја и поучната приказна за трите прашања.

Напишете коментар