Skip to content

Филип Димкоски – автор чии творби имаат душа

На наше големо задоволство имавме чест повторно да си поразговараме со Филип Димкоски, млад и доста амбициозен автор, поет и вљубеник во македонскиот јазик и книжевноста. Прочитајте го разговорот во продолжение.

Од кога се роди љубовта кон пишаниот збор кај тебе?

– Ние всушност и не знаеме кога се вселува таа магија во нас. Веројатно уште со раѓањето. Тој дар и таа љубов стануваат видливи со првите напишани песни во училиште. Во трето одделение ја напишав првата песна насловена „Убавата есен“. Се сеќавам дека украсена со цртеж со есенски мотиви стоеше во литературното катче, а добив пофалба од мојата наставничка Розита Кареска. Тоа некако го сметам за почеток, за искра од која распламте творечкиот оган. И фала му на Бога-гори.

Кој е твојот лајтмотив?

– Основниот или водечкиот мотив во мојата поезија е природата. Опчинет сум од нејзината магија, од нејзината постојаност, од нејзината вистинитост. Колку повеќе се инспирирам од неа толку повеќе гледам дека тој извор е неисцрплив. Всушност јас живеам со природата а тоа е благодарение на тоа што се занимавам со градинарство. Имам своја градина и тоа е мојата смисла на битисувањето. Така некако сите мои светови што навидум се различи и немаат допирни точки, како што е книжевноста од една страна, а мојата професија на земјоделски инженер од друга страна, новинар од трета страна, а од четврта-преведувач, споени се во еден свет-љубов кон природата, кон животот.

Што мислиш за статусот на македонските творци во општеството?

– Долга и тешка тема. Кај нас многу фактори се измешани. Прво зад зборот творци и уметници, се кријат многумина дилетанти и праматари. Како што вели големиот Гане Тодоровски:

Песната им носи пари,

на мнозина праматари

а сегашноста е жена

од поети недопрена!“

(„Пост скриптум“-Гане Тодоровски)

Втора работа е што ние многу малку го негуваме и почитуваме она што е наше и она што е квалитетно. Тоа се случува и во фелата, а и меѓу народот воопшто и не се однесува само на книжевноста  туку и на многу други области.

Впрочем, за третманот на македонските творци и самите до некаде сме виновни. Творецот е тој што треба да води, а не да биде воден. Тоа го покажува историјата.  Со еден стих се креавала револуција.  И да кажам уште дека,  додека властите не сфатат дека уметноста е најважниот и најдобриот начин за претставување на државата, и додека не им помогнат на уметниците  достоинствено да творат и да живеат, ништо не сме направиле.

Што е пресудно за еден млад автор да биде афирмиран автор?

– Пак тука ќе го цитирам Тодоровски: „За да значиш, треба да зрачиш и трајна трага да оставиш“. Мислам дека пресудно е да се сфати одговорноста на тоа да се биде творец, да се работи со љубов и со посветеност. Творците се монаси во храмот на уметноста, а без уметност светот не може да опстои.

Знаеме дека се запиша на Педагошки факултет, дали се гледаш себе си како наставник во иднина?

– Годинава дипломирав на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во насоката градинарство и цвеќарство со што станав земјоделски инженер. Одлучив да остварам и со документ уште една моја љубов-а тоа е македонскиот јазик и книжевноста, па затоа на Педагошкиот факултет во Битола, ја избрав таа насока. Се чувствувам како првпат да сум се запишал на факултет.

Имам ентузијазам и желба да го надоградам знаењето од областа на книжевноста и јазикот, да потврдам некои знаења, да ги проширам сопствените видици. Љубовта кон наставата постои во мене и веќе неколку години сум постојан гостин во училиштата во Македонија и во регионов држејќи работилници и предавања. Досега соработував со над четириесет  градинки, основни и средни училишта и факултети во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија и Израел. Многу го сакам мојот мајчин македонски јазик и книжевноста создадена на него и имам нескротлив порив таа љубов да ја пренесувам и да ја ширам.

Кој е твојот омилен поет и зошто?

– Кога читаш поезија уште од мали нозе, како  растеш и созреваш се менуваат чувствата, ставовите и размислите, па така  низ времето,  како човек те градат различни поетики и различни поети…Ако дозволите, наместо еден ќе издвојам неколку поети. Во средно училиште бев опседнат со поезијата на Гане Тодоровски, потоа додека студирав сфатив колкав поетски џин е Блаже Конески,  подоцна доживував екстаза со Џибран, Тагоре и Руми, а сега ја впивам премудрата лирика на големиот Мирослав Мика Антиќ…

Дали можеш да издвоиш твои стихови кои лично тебе ти се омилени?

– Долго мислам со кои стихови да одговорам на прашањево…но навистина не можам да издвојам.

На колку и кои јазици се преведени твоите дела?

– Навистина сум среќен кога мојата поезија на друг јазик ја има можноста да допре до читателите во светот. Во 2016 година мојата втора книга „Божилак на исконот“ беше објавена на српски јазик, а потоа и на бугарски. Во 2019 книгата „Во градината има само љубов“ е објавена на бугарски, а книгата за деца „Заедно да растеме“ на српски јазик.

Тоа се однесува на целосно објавени книги на други јазици, а мои поединечни песни или циклуси, освен на споменатите јазици, препеани се и објавени на руски, англиски, германски, италијански, француски, белоруски, хебрејски, ромски, хрватски, романски…На овие јазици се сетив а можеби и пропуштив некој.

Но, интересно е што наскоро од печат излегува мојата книга „И каменот има душа“ која меѓу две корици обединува една песна со нејзините препеви на тринаесет словенски јазици. Таа идеја долго тлееше во мене и еве со нетрпение чекам да излезе книгата од печат, а се надевам не само на моја радост туку и на радост на оние што сакаат да уживаат во поезијата, но и да компарираат, да анализираат…

Совет за поетите почетници:

– Секое ново пишување ве прави од ново и од ново почетници. Со секоја нова песна ние сме на почетокот од себеосознавањето. Така што, само би рекол-верба и љубов, ништо друго.

Твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Животот е убав. Живејте го со полни гради!

Му благодариме на Филип на одвоеното време, искрено му посакуваме исполнување на сите негови замисли!

Напишете коментар