Skip to content

Кратка приказна за младичот кој барал помош

Си бил еден млад човек уморен од животот, на прагот од своите триесетти години. Се чувствувал толку уморно иако не знаел убаво да објасни зошто. Решил да го праша стариот мудрец во селото како да го најде мирот што му е потребен.
После долгиот пат,  конечно го сретнал мудрецот задлабочен, со погледот насочен кон далечините. Младиот човек несигурно му се обратил: „Слушнав дека сте многу мудар и дека можете да ми помогнете“.

Тогаш мудрецот продолжил да молчи целосно игнорирајќи го неговото присуство. Овој си помислил дека мудрецот не го слушнал, па со повисок тон повторно го прашал: „Дали ме слушнавте? Дојдов да побарам помош од вас! Можете ли да ми помогнете?“ Мудрецот повторно го игнорирал, но сега го погледнал директно во очи,  давајќи знак дека е свесен за неговото присуство. Младиот човек почнал да губи трпение, лут и полн со бес го погледнал во очи мудрецот.  Тогаш мудрецот го прашал: „Зошто мислиш дека јас можам да ти помогнам?“.

Без сомнение следел одговорот: „Бидејќи сте мудар и на многумина сте им помогнале“. Мудрецот на ова му рекол: „Никому не му помогнав. Само им поставував по едно прашњае. Сите си помогнаа сами на себе бидејќи мудроста ја побараа во себе, а не во мислењето на некој друг“. Младиот човек изненаден од одоговорот, повторно прашал „Кое е прашањето што сте им го поставувале?“. Мудрецот го кажал: „Кој е единствениот човек на кому можете целосно и искрено да се потпрете и  на кој можете да му верувате безрезервно?“. Младиот човек кратко размислил, и само му рекол: „Значи одговорот лежи во мене“.

Н.Н

Прочитајте ја и индиската приказна за двете соседни кралства и трите статуи!

Напишете коментар