Skip to content

Не брзам – Марина Марковска

  • by

Во борба со корона вирусот мојот невидлив, но голем непријател јас веќе не брзам. Сакајќи да си го исполнам времето кое бавно минува додека ме прогонува стравот и ме потиснува стресот, јас веќе не брзам. Не сакам никаде да брзам. Сакам да уживам во мигот, да го почувствувам моментот. Сега повеќе од кога и да било имам време работите да ги направам смирено полека без брзање.

Сакам да дишам, го сакам мојот здив, сега повеќе од кога и да е проверувам дали е тука, му давам внимание, љубов. Сега немам изговор за брзање. Дишам…дишам, го сакам чувството на кислород во моето тело. Ја сакам мојата коса. Сега подолго ја чешлам, имам време за подолг разговор со себе, повеќе љубов кон себе, можам долго да се гледам во огледалото, да си дадам љубов и поддршка. Ја сакам мојата кожа, уживам во капењето иако ми недостига мирисот на сапунот, на него само се сеќавам.

Ми недостига мирисот на храната, топлиот чај кој само мислам дека знам како мириса. Сакам бавно без брзање да го испијам утринското кафе, да го почувствувам вкусот и мирисот. Ми недостига мајчината прегратка и топлина, прегратката на сестрата, насмевката на колегите, соседите. Тие сепак се тука и благодарна сум на нивното внимание, љубов, поддршка.

Сега повеќе од кога и да е го слушнав прашањето – Како си? Како се чувствуваш? Ме радува, да навистина ме радува. Тоа значи дека можеме да бидеме грижливи. Можеме да се сакаме себеси и да ги сакаме другите.
Тоа е прекрасно! Да се сакаме и да се чуваме.

Оваа борба ни малку не е лесна и едноставна…Единственото нешто што сакам да остане во иднина од овој период, е ова чувство – чувството на љубов меѓу луѓето. Да се сакаме, да се грижиме едни за други без посебна причина за тоа. Да бидеме луѓе да ја шириме љубовта и добрината.

Марина Марковска

Напишете коментар