Skip to content

Револуција

Сакам меѓу зборови да ме разбереш. Имам многу да скријам ама имам и многу да кажам. Сакам да ме разбереш во мојот молк. Тогаш кога се чувствувам како да лебдам, бледам и не постојам. Сакам да ме разбереш во онаа секунда помеѓу непоколебливата моја цврстина и глупавата, страшлива решителност за ослободување од оковите на некажаните два збора. Никој пред тебе не ме разбра ама и никој пред тебе не сакав да ме разбере. Тоа, мило мое, те двои од другите. И што ми преостанува? Што ми преостанува на крај да направам? Да сонувам, да постојам, да продолжам со сопствените мешаници што прават хаос во главава зошто знам дека што и да направам ти ќе бидеш тука да ме разбереш и што и да сонувам ти ќе бидеш тука и ќе ме поддржиш. Ќе стоиш од десната моја страна и кога ќе биде најтешко, левата твоја рака потпрена на рамово ќе влева надеж и светлина.

Затоа и не ми преостанува ништо друго освен да те претворам во битка,
во шарен куршум што ја сече и пробива ноќта сива,
во нов темел што ќе ја закопа засекогаш старата традиција.
Ти! ти меѓу сите неважни останати,
ти ќе бидеш мојата револуција!

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар