Skip to content

Перото на Достоевски низ призмата на „Злосторство и казна“

Некои луѓе имаат само датум на раѓање затоа што на нивните мисли и ставови нe им пркоси времето. Еден од нив е Фјодор Михаилович Достоевски. чиj роденден е денес, 11.11.1821 година. Достоевски е централна личност во психолошкиот реализам и е еден од главните ликови во руската книжевност. Роден е во Москва и е второ дете од седумте деца на Михаил и Марија Достоевски. Имал тешко детство. Неговата мајка умрела од туберколоза, а за неговиот татко се претпоставува дека е убиен. Починал во Санкт Петербург на 09.02.1881 година.

Творештвото на Достоевски

Првиот роман на Достоевски, “Бедни луѓе“ бил пречекан со одлични критики. Некои критичари одат до таму, што ќе кажат дека никој не бил пречекан со толку добри критики. Рекле Достоевски поседува еден необичен талент и дека е роден новиот Гогољ. Творештвото на Достоевски настојува фактите од секојдневното живеење да ги сведе на општи принципи и да ги прикаже низ призмата на единствен поглед на светот. Секој настан во неговите дела е расветлен од едно повисоко гледиште. Од аспект на човековата психологија или како карактеристична појава во општествениот живот.

Низ секој роман е прикажно нешто посебно, некоја нова идеја, така што секој негов роман може да се нарече роман со теза.  Настаните низ романите се поврзани со реалноста. Во неговите дела нема апсолуто позитивни ликови, како што нема ниту апсолутно негативни ликови, туку истите се претставени како реални човечки битија со свои добри и лоши карактеристики. Иако низ делата на Достоевски се застапени доста психолошки елементи, тој е уметник кој до крај му останува верен на реализмот. Меѓу неговите дела се вбројуваат “Коцкар“, “Идиот“, “Бесови“, “Записи од мртвиот дом“, “Злосторство и казна“, “Браќа Карамазови“ и други.

Осврт кон “Злосторство и казна“

Во “Злосторство и казна“ можеме да забележиме дека нанесувањето на болка на некому е можеби злосторство, но за секое злосторство следува и казна. А таа не мора секогаш да биде онаа која ќе ја одреди законодавецот. Вистинската казна ја одредува совеста на секоја личност. Ценрален лик во делото е Родион Романович Раскољников, кој е една комплексна личност со многу позитивни и негативни карактеристики. Заради сиромаштија, тој е исфрлен од студиите по право, а него го финансира неговата сестра која работи како гувернанта. Тој не сака да ѝ биде товар. Кога дознава дека таа ќе се мажи за пари никако не може да го прифати тоа, па затоа гордоста е можеби неговата највпечатлива особина.

Раскољников во крајна линија е убиец, кој ги убива бабата и нејзината сестра, но од друга страна прави и многу добри работи. Затоа не можеме да кажеме дека е само ладнокрвен убиец. Тоа убиство го изведува потполно планирано, но ни сам себеси не може да си го разјасни точниот мотив за убиството: дали тоа го сторил поради бедата во која се наоѓа, дали заради мајка му и сестра му или заради филизофијата дека некои луѓе се различни од другите. Извршувајќи го убиството сака да провери дали тој спаѓа во исклучителните луѓе. Меѓутоа совеста брзо го стигнува. Тој се отуѓува од сите, не може да разговара со другите и е психички отсутен. Токму таа отуѓеност е можеби и казната за сето тоа. Спасот го гледа во Соња, на која ѝ кажува што сторил, а потоа се предава и ја отслужува својата казна на Сибир.

Неколку цитати од делата на Достоевски

“Болката и страдањето се секогаш неизбежни за една длабока интелигенција и големо срце. Навистина големите луѓе мораат, сметам, да проживеат голема тага на оваа земја.“  

“Индивидуалното добро дело секогаш ќе постои, зашто тоа е потреба на личноста, жива потреба за директно влијание на една личност врз друга.“

“Преземање на нов чекор или кажување нов збор понекогаш е она што најмногу ги плаши луѓето.“

“Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете.“

„Има луѓе за кои е тешко да се каже нешто такво кое би можело да ги претстави наеднаш и целосно во нивниот најтипичен и најкарактеристичен изглед; тоа се оние луѓе, кои обично се нарекуваат ‘обични’ луѓе, ‘множество’ и кои и навистина го претставуваат најголемото множество на секое општество.“

Напишете коментар