Skip to content

Месечина – Лина Димоска

Таа вечер се сретнавме на брегот. Ти ми кажа дека ќе се обидеш да ми ја симнеш месечината. Не ти поверував. Само шетавме околу. Ми зборуваше за ѕвездите.

– Погледни ги. Блескаат како твоите очи. – ми рече. Во зборовите твои имаше нешто чудно, нешто што ме влечеше кон тебе. Ти беше толку посебен, а сепак личеше на сите други. Помислив дека во тебе е сокриен цел универзум, па не знаев како поинаку да те наречам, освен обичен, а толку свој.

Во обичните луѓе, оние како тебе, оние со кои се разминуваме секој ден се крие толку многу страст, купишта желби и фантазии, безброј неостварени соништа. Секој обичен човек крие ситни добри дела кои ги направил и неколку лоши нешта на кои барем некогаш помислил. Во секој обичен човек тлее некој копнеж кој го тера да продолжи да се бори и да живее. За таквите луѓе не постои збор кој ќе објасни колку се посебни, па затоа се нарекуваат обични, обични како што сме јас и ти.

Таа ноќ јас и ти шетавме крај брегот. Ти со толкава страст раскажуваше за ѕвездите. Се сетив дека одамна со некој не сум разговарала за ѕвезди, па не гледав во нив, ниту во небото. Од тебе погледот не можев да го тргнам. Ти ми рече да погледнам барем колку е убава и голема месечината. Со раката ми покажа кон неа, но јас ни во месечината, ни во раката твоја не гледав. Немо ги демнев усните твои со боја на вишна. Таа ноќ ти знаеше дека ми ја симна месечината.

Напишете коментар