Skip to content

Сто сонца – Наталија Наумовска

Ми тежиш на душава,

скриен си некаде помеѓу јаве и сон,

недофатот и недостигот се изедначуваат

па се претвораат во зборови.

Носиш недореченост

како начин на изразување

и ткаеш таинственост

како одбранбен штит.

Не ми се допаѓа кога молчиш,

мразам кога меѓу нас има

кули од проголтани букви

и мостови изградени од троцифрени бројки.

Преблиску, а предалеку стоиш,

поприсутен од присуство

поотуѓен од отуѓување,

поблизок од блискост си,

а далечен како сонце.

Во мисливе се прашувам,

и го барам одговорот на прашањето

дали бакнежот тежок сто сонца

ќе го измериме усни на усни?

Напишете коментар