Skip to content

Кога сè ќе ти одземат – Анонимна исповед на една храбра мајка

  • by

Животот ми зададе многу болки. Пред многу години одамна ја изгубив мојата мајка. Мајка која сè правеше за мене и мојот брат, сè трпеше во животот. Психичко и физичко малтретирање од мојот татко, но немаше поддршка од никого. Тајно ми се сокри на нејзини 36 години и си замина тивко, се разболе и немаше спас..Мојата мајка за мене секогаш беше и ќе остане вистински борец. Знам дека таа ме чува од секакво зло на овој свет на лаги, интриги и манипулации.

Пред три години го изгубив и татко ми кој се разболе, исто така тивко замина од мојот живот. Ми фали родителска дланка да ме погали, да ме ислуша и да ми даде совет. Знам дека во овој суров свет сè правев и сум горда мајка на своите две деца. Вложувајќи се за подобар живот на сопствените деца го изгубив она вистинското, вредноста на мајка во очите на сопствените деца.

Многу ги повредив психички со тоа што имав недоразбирања со нивниот татко. Во животот колку и да се борите кога едноставно ќе се истрошите и физички и психички, веќе немате сили за ништо. Јас како мајка бев нервозна, брза, избувлива, го правев она што мислев дека е правилно. Но во животот колку и да мислите дека сте во право многупати грешите, а за своите грешки плаќате скапо.

Уште колку ќе може да издржи моето срце? Веќе немам сили. Моите два ангели, мојот дар од Бога, моето најскапоцено богатство, што ми се сè во животот, толку ги повредив што никогаш не можам да си простам. Ќерката проба да си го одземе животот бидејќи сум лоша мајка во нејзините очи. Ги имам само моите два ангели без кои не би можела понатаму да продолжам да живеам.

Мојот живот е една книга со испишани страници, за кои би направила сè за да го вратам минатото и да се посветам само на моите два ангели. Во моментов се борам со институциите за бракоразводна, при што одлучиле да ми ги одземат децата привремено. Која мајка може да го издржи тоа? Кое мајчино срце може да се оддели од своите деца? Во борба со системот и институциите сум немоќна и затоа и здравствено веќе попуштив.

Не смеам да се разболам бидејќи кој ќе се грижи за моите две ангелчиња? Не смеам да попуштам ниту физички ниту психички бидејќи како јас што ќе им пружам љубов тоа никој не може да им го замени. Ги исчуваав во многу лоши услови и сега кога треба да ги водам на прави патишта во животот институциите решаваат да ми ги одземат привремено. Сè ќе направам само децата да бидат со мене.

Зошто во овој суров свет се изгубив и само талкам наоколу, веќе не знам што е добро, а што лошо. Јас како мајка многу патам ама ќе бидам истрјна докрај и ќе излезам од оваа сурова борба заедно со моите две деца. И на крајот победнички со срце ќе ги гушнам и никогаш во животот нема да дозволам да ми ги одземат. Зошто сè полагам во нив, бидејќи тие се моето сè. Мојот сегашен живот, мојот живот во иднина и се моја гордост.
Сакам само добро за моите деца и конечно да излеземе од овој ќорсокак и да врвиме по вистински, правилни патишта и јас и тие. Тоа е она што го сакам во животот, моите две сонца.

Исповед на една храбра мајка која сакаше да остане анонимна

Напишете коментар