Skip to content

Хамлет залутан низ времето

Во шекспировата драма “Хамлет“, авторот на пиедесталот ја донесува вечната дилема “Да се биде или не.“. Оваа драма изобилува со негативностите во општеството, како братоубиството, лицемерието, желбата за власт и одмазда и копнежот да се оствари целта по секоја цена.

Кој бил Хамлет?

Ликот на Хамлет е толку комплексен, што секој кој ја чита драмата ќе си создаде сопствени ставови во врска со Хамлет. Врз овој лик влијае култот на мелахонијата, кој се издигнува во XVII век во Англија. Извртените зборови во репликите на Хамлет придонесуваат ликот да не биде никогаш јасно сфатен во врска со неговите чувства. Токму тоа му дава слобода на читателот да оформи свое гледиште за емоциите на Хамлет. Сигурно е дека во неговите вени тече желбата за одмазда. Од една страна овој лик ја вреднува мајка си, а од друга страна во многу наврати низ репликите остава впечаток дека не ги почитува жените. Постојано го одлага своето дејствување и премногу размислува и анализира за секоја своја постапка. Кога го следи својот инстик, најчесто прави глупости.

Она што се среќава во ликот на Хамлет може да се сретне и во очите на секој современ човек. Во неговата душа е разгорен гневот кон неговиот чичко. Живее со желба да го одмазди татка си. Хамлет сам го режира своето лудило. Не знае да ги искажува своите чувства, но е одговорен за сето она што му се случува нему.

Зошто ликот на Хамлет залутал низ времето?

Хамлет го среќаваме на секој ќош. Хамлет кој не може без мајка си, а не ги почитува жените. (Ова се однесува и на жени кои не почитуваат жени). Хамлет кој не знае да каже што сака. Хамлет кој не знае да се справи со своите емоции, но одбива помош од било кој. Хамлет кој е полн со гнев и омраза. Хамлет кој не сака да прифати одгворност за своите постапки.

Денес луѓето се опседнати со истата дилема која се среќава во ова шекспирово дело. Дали воопшо некогаш луѓето не биле опседнати со слоганот “Да се биде или не?“ Што всушност значи тоа “Да се биде или не?“ Се разминуваме со луѓе кои брзаат некаде за на крајот да не успеат да стигнат ни до себе. Успехот денес е многу комплексно нешто. За да бидеш успешен мора да имаш добра работа, да заработуваш добро, да возиш добар автомобил, да имаш деца и семејство, да имаш убав дом, да бидеш атлетски граден, да бидеш добро облечен, да бидеш, да бидеш, да бидеш…

Да се биде, денес значи постојано да си пред конкуренцијата. Тоа може и да е замислена конкуренција, која нема ниту исти вредности, ниту иста цел со тебе. Да се биде денес значи да знаеш како да манипулираш со луѓето, да знаеш како да излажеш, да знаеш како од сѐ да извлечеш добивка и сето тоа по секоја цена. Затоа што тоа веќе не се смета како девијантна појава во општеството. За тоа денес велат дека “Си се снашол“.

Да се биде, денес значи другите да кажат за тебе “Браво, овој успеа!“, “Кој го истурка овој олку?“, “Од каде овој дојде на оваа функција?“. Но да се биде исто така значи и што мислиш ти, на крајот на денот, кога дремката ќе те навјаса. Дали си успеал да бидеш без разлика што кажал секој претходно?

Што би требало да значи “Да се биде или не?

Да се биде на крајот на денот единствено треба да значи да се биде среќен. Да се заборави на секоја омрза, да се прости за да исчезне желбата за одмазда. Не го исполнува секој работа во која има добра заработка. Некој е среќен ако е градинар или ако е пистел и цел ден притиска врз копчињата на тастатурата. Да се биде  значи да се нахрани гладно маче или куче. Да се биде значи да се украде насмевка од старец кој седи на клупа или од малечко дете. Да се биде значи да се купи цвеќе за саканата. Да се биде значи убаво поминат ден со најмилите, заборавајќи на другите обврски.

Да се биде значи да се земе здив. Да се биде значи да се живее моментот. Да се биде значи да се ослободите себе си од сите предрасуди и помисли “Што би рекол некој?“. Да се биде сигурно значи да се живее своето лудило. Да се биде значи ДА СЕ БИДЕ СРЕЌЕН.

Напишете коментар