Skip to content

Препорака за читање: „Жената од барот“ – Диана Чули

Гим Фортузи е осамен човек. Наследник е на голем имот и е еден од најбогатите луѓе во Албанија. Во неговиот живот сè е вообичаено, сè додека во барот не забележи една жена која му го одзема паметот. Триесет години помладата Лола Китa, во очите на Гими е се што еден маж може да посака. Некое време таа е само силуета која го возбудува. Фортузи се опседнува со неа и постојано ја следи. Дознава многу работи за неа.

Иако секој ден му е доволно блиску, таа му е далечна и непозната жена по која копнее. Тоа е така, сè до една есенка ноќ, кога Гим почнува да ја следи младата Лола Кита, а таа собира храброст и му се обраќа. Според она што ќе му го каже на Гим, нејзниот дечко, ја изневерувал со нејзината најдобра пријателка и цимерка. Му кажува дека нема веќе каде да оди и дека најверојатно ќе мора да се врати во своето родно место затоа што во Тирана нема никој.

Добродушниот Гим ја искористува приликата за да ѝ се доближи на Лола Кита и ја кани во својата вила. Се договараат тоа да биде само едновечерен престој, но Лола се задржува во вилата многу подолго. Всушност, се задржува толку долго што на крајот успева да му стане сопруга на богатиот Гим Фортузи.

Најдобрите пријатели од почеток се сомневаат во врската на Гим со триесет години помладата девојка. Што ако нивните сомнежи се вистинити? Или љубовта на Лола е толку силна како во мејловите, кои Гими успева да ги прочита, а Лола ги пишува на нејзината најдобра пријателка од родниот крај? Дали цимерката на Лола  е навистина цимерка или и е многу поблиска од што Гим мисли? Дали најдобрата другарка од мејловите е вистинска? Дали пријателите на Гим се само сомничави средновечни луѓе или се во право во врска со Лола? Дали Гим, преку Лола, се сплеткува во сомнителна мрежа или самиот тој е пленот? Дали Лола Кита е ловец на богатство?

Оваа книга на Диана Чули ќе ве држи во неизвесност до самиот крај. Вистината за Гим Фортузи и Лола Кита ќе ве воодушеви и нема да ве остави на мира додека не ја завршите. Ова е одлична книга за сите љубители на љубовните дела, но и на оние вљубени во мистеријата и неизвесноста. Дали љубовта навистина познава разлика во години или не, откријте во „Жената од барот“ од Диана Чули.

Погледнете го и предлогот на книгата „Подрумите на Ватикан“ од Андре Жид.

Напишете коментар