Skip to content

Вампирите во нашата народна демонологија

 

Што е, всушност, вампирот?

Вампирот е еден од нашите најпознати демони и верувањето во овие суштества, се чини, постои од памтивек. Неговата древност во словенскиот свет е неспорна и во некои многу стари руски текстови се вели дека луѓето од дамнина верувале во вампири и самовили. Но, за разлика од самовилите, кои се посебни суштества во вистинска смисла на зборот, вампирите се „оживеани“ покојници.

Уште од дамнешни времиња, постоело верувањето дека умрениот може да „се врати“. Заради тоа, на умрените им се забивале клинови во петите или под ноктите. На други им се врзувале нозете и се правеле некои други обреди. Обредите можеле да се разликуваат од еден крај до друг. Во селските куќи се чувале и венци од лук. Се верувало дека лукот ги брка вампирите и другите демонски суштества.

Понекогаш и самото име на умрениот станувало табу, зашто се верувало дека неговото изговарање може да го врати од гробот.

Кој најчесто се повампирувал?

Најчесто се повампирувале лошите луѓе и оние што се занимавале со „ѓаволски“ работи, како вештиците и бајачките. Во „ризичната група“ спаѓале и луѓето што умреле од насилна смрт, како давениците и самоубијците. Се повампирувале и оние што умреле млади и некои важни работи во животот им останале недовршени.

Ако некој умре млад и ја оставел сопругата без деца, можел и по смртта да ја посетува и да ја оплоди. По заоѓањето на сонцето, посебно во глува доба, младите вдовици биле посетувани од своите мртви мажи. Со нив воделе љубов длабоко во ноќта.

Од таквата „љубов“ се раѓале посебни деца. Биле видовити и можеле да помогнат да се пронајде и убие некој вампир.

Вампирите се најчесто зли демони и нанесуваат разни штети. Кога некој ќе се повампирел, можел да се враќа ноќе и да ги плаши домашните. Можел да тропа по вратите и прозорците, да го одврзува и пушта добитокот. Можел да направи неред во подрумот или на таванот, но и низ целото село. Таквите вампири требало засекогаш да бидат убиени. Постоеле вампирџии, кои ги „ловеле“ или „убивале“ вампирите.

Во некои краеви, ако за некого „се утврдело“ дека се повампирил, неговиот гроб се откопувал. Врз него се истурала вар. Понекогаш на умрениот му се пукало во срцето или му се забивал колец. Вампирите можеле да бидат препознаени и од посебни, „видовити“ кучиња. Постоеле и верувања дека вампирите се плашат од волците. Самото споменување на волкот им влевало страв. Од убиениот вампир можело да остане купче месо, односно пивтии, или само крв.

Кога во некое село ќе се појавел вампир што не можел да се убие, се правеле некои обреди. Целта била да се протера и да замине во друго село. Така, вампирот бил залажуван со погача, да помине преку река. Вампирите честопати „имале проблеми“ со поминувањето на водата и не можеле да се вратат назад. Така и го напуштале старото село и заминувале во друго.

Што ако вампирот преживеел?

Ако повампирениот човек „преживеел“ подолго време, тој можел да се укости, односно да добие вистински човечки облик. Тогаш не се разликувал од останатите луѓе од крв и месо. Таквите вампири се преселувале во други, подалечни села. Започнувале „нов живот“ во местата каде што никој не ги знаел.

Укостениот вампир можел да си најде нова жена, да живее како обичен човек, да работи среде бел ден. Сепак, многу од таквите вампири не ја напуштале својата стара навика – да пијат крв.

Приказните најчесто имаат трагичен крај за нив. На пример, кога жената ќе дознаела или препознаела дека нејзиниот маж е укостен вампир, можела лесно да го убие. Тоа се правело со боцкање или засекување во тилот. Во тој момент исчезнувал и неговиот човечки облик и останувала крв или купче „пивтии“.

Прочитајте го и митот за грчката божица Ифигенија која станала свештеничка на Артемида.

Напишете коментар