Skip to content

Утре доаѓа декември

Излегов во дворот и убаво погледнав наоколу. Не дека нешто од вчера до денес се сменило, туку глетка ми е драга. Ако надвор е облачно и тмурно, а маглата ги голтната врвовите на планината. Од утре е декември, си мислам. Ја гледам планината завеана во магла и се сеќавам дека кога бев дете се прашував како е ако се најдеш во облак. Што ако облакот е толку ниско, што можеш да го допреш? Гледаш ли нешто наоколу или сè околу тебе е белина?

Го сакав декември. Или сè уште го сакам, не знам. Се сеќавам дека имав куче, голем, црн пес кој го викав Црнко и мислев дека може да ме влече по снегот на санката. Му се радував на снегот. Едвај чекав да падне. Потоа се прпелав во него, правев снежни топки и удирав каде што ќе стигнев, ја отворав устата за да лапнам од снегулките што паѓаат. Сега некако бегам од снегот. Страв ми е да не се изводенам. Што ако ми се уништат чизмите? А некогаш толку многу сакам да се нурнам во него и да потонам во неговата мекост и белина.

Го сакав декември. Или сè уште го сакам, не знам. Се сеќавам дека сакав печени костени кои потскокнуваа на усвитениот шпорет додека се печеа. Потоа беа крцкави. А јас седев на каучот и гризев од нив додека некоја видео касета вртеше во плеерот. Најчесто гледав “Снешко белчо“ или “Продавница за играчки“. Некако тие цртани филмови најмногу сакав да ги гледам во зима. Пиев и планински чај. Толку мирисаше убаво, што уште можам мирисот да му го почувствувам. Сега немам печка на дрва, ниту би ја валкала со печење кости, што знам…тогаш не размислував така.

Го сакав декември. Или сè уште го сакам, не знам. Се сеќавам дека имав малечка елка, која ја китев со лампиони кои мајка ми ги купила од градовите во кои шетала. Некои беа обледени и ожолтени, но имаа посебна магија. Мечтаев за сè што сакав да ми донесе наредната година и верував дека ако сум доволно добра жебите ќе ми остварат. А се остваруваат ли желбите? Ако ти се остварат среќен си или посреќен те прави самото мечтаење?

Го сакав декември. Или сè уште го сакам, не знам. Можеби не сакам тоа што општеството сака да нè направи, на некој начин, сите исти. Па оние кои имаат искри во очите и не се замислени одеднаш стануваат чудни. Оние кои се весели без причина се чудни. Оние кои сонуваат и живеат за своите соништа се чудни. Оние кои не се исти како толпата се чудни, а токму различните придносуваат општеството да расте и да се развива.

Го сакав декември. Или сè уште го сакам, не знам. Можеби не ја сакам средината во која што живеам затоа што не дозволувам да ми ги отсече крилјата. Можеби не се вклопувам затоа што сè уште верувам во магија. Можеби сум чудна затоа што мислам дека сè се случува со причина. Можеби сум различна знатоа што знам дека после секоја зима доаѓа пролет, но длабоко во себе сите тоа го знаат, само треба малку да го завртат погледот кон себе и да не им е гајле што мислат дургите.

Утре доаѓа декември. Го сакав декември. И сигурно сè уште го сакам. Декември е месец на соништата и желбите, затоа ткаете ги. Дури и да ви кажат дека сите соништа се забранети, а сите желби уништени, вие не верувајте им. Затворете ги очите и замислете си желба. Внимавајте што посакувате. Сигурно ќе ви се оствари.

Лина Димоска

Напишете коментар