Skip to content

Загатката за исчезнувањето на детското писателско чудо Барбара Њухол Фолет

насловна
Што се случи со талентираната Барбара Њухол Фолет?

Нова Англија, зима 1923. Едно мало девојче седи само во својата соба, ѕурејќи низ прозорот кон шумата зад нејзината куќа. Будна сонува, како и повеќето деца, но потоа се упатува кон својата машина за пишување и пишува. На возраст од 12 години, Барбара Њухол Фолет го објавува својот прв роман „Куќата без прозорци“. Заснован е на чудесијата на таа шума.

Ја нарекле чудо од дете, литературна ѕвезда-водилка и дух на природата. Тогаш, зошто само малку луѓе чуле за неа и нејзиното творештво? Барбара Њухол Фолет исчезнала без трага кога имала само 25 години.

Откако „Куќата без прозорци“ била прекрасно прифатена, младата авторка станала многу барана за рецензии и нови книги. Секако, не сите критичари ја прифатиле. Неколкумина отворено го изразиле своето негодување за тоа што го објавила. Го доведувале во прашање нејзиниот литературен успех на толку млада возраст.

(Куќата без прозорци)

Која цена Барбара ќе треба да ја плати за своите, големи денови на машината за пишување?“ – се прашува Ен Керол Мур во Њуjорк хералд трибјун. Но Барбара не била особено заинтересирана да има „нормално“ детство. Како многу деца што покажувале интелектуална надареност или предвремена зрелост, се чини дека не ја интересирале децата на нејзина возраст. Кога една од нејзините другарки го критикувала тоа што Барбара го сметала за интересно (имено, нејзиното пишување), таа ѝ напишала писмо:

Не разбираш зошто морам да си ја вршам својата работа, бидејќи, токму сега, ти немаш воопшто никаква работа.“

Што се случило понатаму?

Барбара продолжила да пишува во текот на своите тинејџерски години. Но таа се сосредоточила и на тоа што го сметала за најмудра авантура во својот живот. Станала дел од екипажот на еден брод што испловил кон Атлантикот. На 14 години ја објавила својата втора книга, „Патувањето на Норман Д“.

Во тоа време нејзиниот татко Вилсон ја напуштил мајка ѝ, заминувајќи со некоја помлада жена. Барбара и мајка ѝ се справувале со загубата, пловејќи околу светот, пишувајќи за своите експедиции.

Дома ја оставиле помладата сестра на Барбара, Сабра. Сепак, нека не ви биде многу жал за Сабра. Таа исто така била ингениозна. Станала првата жена што била примена во училиштето Принстон во 1961 г.

Барбара и мајка ѝ најпосле се вратиле во Њујорк без пари. Барбара почнала да работи како секретарка, работа што ѝ го загорчила животот. „Моите сништа минуваат низ агонија“, ѝ напишала на една пријателка.

Бидувајќи без татко ѝ, кој ја охрабрувал уште кога била малечка, нејзината работа почнала да доживува пад. Своето ново вдахновение го нашла во еден млад човек што го запознала. Се викал Никерсон Роџерс.

Патувале многу; по Апалачиската рута и низ Европа. Потоа се венчале во 1934 г. и живееле во Бруклин, Масатчусец. Барбара била среќна во првите години од бракот. Но, некаде околу 1939 г., нивниот брак влегол во криза.

Гледано површно, работите се ужасно, ужасно мирни и погрешни“ – ѝ напишала на една пријателка. Како да навестувала нешто злокобно. „Сѐ уште мислам дека има можност за среќен исход. Но, во секој случај, би морала да размислам за тоа, за да можам да живеам. Од ова можеш да извлечеш каков било заклучок!“

Барбара исчезнува без трага

Наскоро се случило нешто, без разлика дали го планирала или не. На 7 декември 1939 г., по една караница со Ник, Барбара го напуштила нивниот стан. Со себе понела само 30 тогашни долари и бележник. Оттогаш веќе никој не ја видел, ниту чул нешто за неа.

Ник го пријавил нејзиното исчезнување дури две недели подоцна. Била пријавена под нејзиното венчано име, Барбара Роџерс. Поради тоа, печатените медиуми не сфатиле дека исчезнатата жена е некогашното чудо од дете.

За тоа се дознало многу подоцна, дури во 1966 г., кога мајка ѝ објавила книга. Тогаш медиумите почнале да сфаќаат дека исчезнало некогашното чудо од дете. Веќе повеќе од две и пол децении била исчезната без трага и за тоа не знаел никој.

Се разбира, со исклучок на нејзиното семејство. Низ сите тие години, никој не чул ништо за неа. Но, нејзиниот татко, со кого никогаш не се смирила, напишал писмо објавено во Атлантик. Во писмото ја молел да се врати дома.

Споменот за Барбара

Денес, нејзиниот внук од сестра, Стефан Кук, е чуварот на нејзините тајни. Објавил книга што се состои од нејзини писма и раководи со страницата farksolia.org. Страницата е посветена на нејзините дела и се обидува да го одржи во живот духот на Барбара. И покрај исцрпните истражувања, Стефан признава дека не може со сигурност да каже што се случило со Барбара.

Според него, таа би можела да почне нов живот, некаде далеку, со нов идентитет. Таквата можност би била во склад со драматичниот и фасцинантен живот на Барбара. Како и да е, тој признава дека има работи што не штимаат:

Зар би била таа толку сурова за никогаш да не дознаат дали е жива или мртва? Пред сѐ, мислам на мајка ѝ, сестрата и пријателите. Тоа е добро прашање.“

Потоа Стефан заклучува: „Можеби никогаш не ќе дознаеме што се случило со неа. За среќа, таа ни остави вистинско богатство: еден куп писма, раскази и поеми. Ни го остави и фарксу, својот измислен јазик и одличниот роман ,Загубениот остров`. Така нејзиниот глас сѐ уште одекнува јасно и гласно.

Дали исчезнала по своја волја?

За крај, не смее да се пренебрегне и една многу пострашна можност. 13 години по нејзиното исчезнување, мајка ѝ Хелен побарала многу подетална истрага. Таа ѝ се обратила на полицијата во Бруклин. Ги изразила своите сомнежи кон сопругот на Барбара, Ник Роџерс.

Нему му напишала писмо:

Сиве овие години молчиш. Како да имаш да криеш нешто за исчезнувањето на Барбара. Не очекувај дека ќе седам со скрстени раце во последните години што ми преостануваат. Ќе сторам сѐ да дознаам дали Бар е жива или мртва. Можеби е во некоја институција, каде страда од амнезија или нервен слом.“

За жал, мајка ѝ никогаш не ја дознала судбината на ќерка си. Не ја дознал никој. Нејзиното тело никогаш не е пронајдено. Нема ни докази што укажуваат, ниту, пак, исклучуваат дека била убиена. До ден денешен, околностите за нејзиното исчезнување не се разјаснети.

Извор.

Превел од англиски: Симеон Јанков

Напишете коментар