Skip to content

Дневникот од стара хартија

01.12.2020 – Да се (o)стане просечен

Ја гледам мојата мачка како лежи крај топлиот камин. Полека ги истегнува шепите, целосно е препуштена на уживањето во топлината. Понекогаш ѝ завидувам. Нема никакви обврски. Не мора ништо да прави. Едноставно постои и набљудува. Ја возбудува брмчењето на мувите. Ги лови во лет, а потоа ги јаде. Ја возбудува и пеењето на птиците. Штом ги слушне, веднаш трча надвор. Некогаш ја гледам како се печи на сонцето. Ужива предадена на себе во една целосна хармонија со природата. Кога ние луѓето ќе постигнеме едно такво постоење? Можеби никогаш…

Како вчера, така и денес, не направив ништо посебно. Можеби најкорисно нешто кое го правам за себе е утринската рутина на пиење млака вода со ѓумбир, лимон и лажиче мед. Некогаш има грозен вкус, а некогаш ми е убава. Мешавинава ја пијам цела година и веќе се навикнав на нејзиниот вкус. И овој ден беше ист како сите други. А можеби сепак беше некако различен, што знам. Ако можам да издвојам од нештата кои ги направив тоа би биле дека сум пошла на работа, сум одработила и сум се вратила назад. Попладнево пазарев, сакам да пронајдам еден производ за кој не верувам дека ќе го најдам овде, но можеби ќе ми се посреќи.

Во последно време не сакам да јадам многу. Сакам да ја задржам линијата на која работев цело лето. Пред некое време воопшто не внимавав на исхраната. Јадев сè што ќе ми паднеше на ум. Се променив некако. Кога бев помлада се плашев да не станам како сите други, се плашев да бидам просечна. Секогаш се издвојував некако. Им се смеев на непознатите, ги задевав малите дечиња кои трчаа низ паркот, ги довикував уличните кучиња. На вечер излегував со моите пријатели и во друштво на чаша варено вино разговаравме за универзумот, за секс или за книгата која сме ја прочитале.

Денес не сум како порано. Веќе не пијам алкохол. Премногу е токсичен. Стравот да не станам како сите други ме направи токму таква, како сите останати. Секој намуртен човек кој незадоволно ја турка огромната количка во маркет и без никакво внимание одговара на прашањата од своето мало дете, за кое мисли дека е здодевно, стана мој одраз. Станав толку просечна. Што значи да се биде просечен, ако не е да се има една постојана рутина, рутина која ти е страв да ја напуштиш? Што значи да се биде просечен, ако тоа не е будење во исто време, одење на исто место, пиење кафе во исто дефинирано време? Што значи да се биде просечен, ако тоа не е точно испланирано слободно време? Дали времето може да биде слободно ако е толку точно и детално испланирано?

Веќе не ги обвинувам девојките со напрчени муци и задници кои личат едни на други. На некој начин и јас почнав да личам на сите други. Можеби физички не, но ментално, секако. Мелахонијата и монотонијата на ова време на рутини полека ме убива. Никој не ме тера со сила да се држам до нив, но јас некако се плашам да ги напуштам. За човекот нема поголем непријател освен неговиот сопствен страв. Деновиве се обидувам да соберам храброст и да се справам со своите стравови. Си ветив на себе дека ќе се обидам да бидам како мојата мачка: дива, слободна и своја, а сепак толку смирена и во хармонија со сè околу себе.

Дали со текот на времето сите почнуваме да личиме едни на други затоа што се справуваме со слични проблеми? Дали просечните луѓе и не се така просечни, токму како мене? Дали во нив се кријаат страсти и желби по кои се плашат да посегнат за само да не ја нарушат рутината? Но што ако излегувањето од рутината нè направи посреќни? Што ако токму тогаш се почвустуваме навистина среќни?

До следното видување, драг дневику…

Напишете коментар