Skip to content

Ковид 19 – Јована Јаневска

  • by

Говор по повод ХХIV ораторска вечер “Иво Пухан”.

Најстрашни се оние времиња, кога домот се претвара во туѓина. Во џенем. Во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и оттуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога тагата не е поради отсуство, туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.”

– Рече нашиот Горан Стефановски во “Приказни од Дивиот Исток”.

61878 заболени. 1763 мртви. Девет месеци живот низ магла.

Стравуваме за сопствените, стравуваме за животите на своите блиски. Но, само ако стравувавме за животот на секој човек, можеме да говориме за колективна одговорност и хуманост. Годинава ја живееме стресно, хаотично, како лабораториски тестирани глувци. Вонредна состојба, полициски часови, празни локали, празни улици, полни ковид центри, полни болници полни државни карантини. Со години имаме недоволно редовно вработени здравствени работници. Огромен медицински персонал со нерегулиран статус. Стари амбуланти и клиники.

Со децении прокиснати ѕидови. Ужасно стари струјни изолации. Мноштва водоводни мрежи кои прават вирови низ валканите тоалети. Ветви чаршафи. Лебарки и стаорци. Недостиг на болнички кревети. Малубројни амбулантни возила. Тоа е здравството кое со децении не успева да ги заштити своите луѓе, своите граѓани, а им го должи тоа, со секое месечно одвојување на средства на осигурениците.

Фотографија од штипска болница

Тоа е здравствениот систем кој тоне сè подлабоко од осамостојувањето на Република Македонија. Грешките на здравствениот систем кој со децении пропаѓа, убија повеќе животи отколку пандемиите, загадувањето и нискиот квалитет на живот во земјите како нашата. Ковид центрите се за луѓе кои можат да си дозволат дваесет и четири часовна нега, скапи лекови и респиратор, кој би требало да е основа и право на секој пациент. Но што е со обичниот македонски работник кој одвај си дозволува тестирање на сопственото семејство?

Едни се лекуваат со ЕКМО апарати, други луѓе умираат без обични боци за кислород. Животот овде чини онолку колку што имате пари на сметката. И тоа што боли, тоа што е нееднакво во секоја борба која го коси секој слој и сфера од ова општество е неправдата, нееднаквоста и болката што македонскиот пациент не ја заслужува, а ја поднесува. Ковид 19 не е само пандемија, туку тест на економскиот, здравствениот, образовниот и општествениот систем на Република Македонија.

Ковид 19 уште еднаш јасно ги покажа разликите во колективот, слабостите на заедницата. Пред Ковид 19 не сме еднакви. Но, изолација на телата, не значи и изолација на умот и душата. Заедницата треба да остане одвоена, но заедно. Затоа што ако не боли само својата болка, туку боли и туѓата, тогаш гласот на народот ќе биде посилен од оној на системот. Во вакви времиња, во вакви синџири кои му ги врзаа рацете и нозете на модерниот човек кој сметаше дека амбицијата е посилна од природата, ослободување ќе има само ако се ослободат синџирите околу срцата и умовите.

Само ако се даде глас на младите, глас на многу големи умови за кои редовно нема простор, ако на фронтот се постават луѓе кои сè уште веруваат во идејата за една посилна и сигурна држава, само ако политичарите научат што е одговорност, што чест, а докторите се потсетат на денот кога го ветија умот и срцето изговарајќи ја Хипократовата заклетва. Само тогаш оваа земја ќе се избори со пандемијата, со вековната неправда и со она што подмолно нагризува одвнатре. Сочувство до сите што ги загубија животите и блиските во борбата со вирусот, оваа 2020 година.

Јована Јаневска

Напишете коментар