Skip to content

Душа – калдрма

Ја гледам мојата стопанка како седи на столот и во рацете држи чаша полна бело вино. Денес ми се гледа некако поинаква и различна. Таа не знае дека можам да гледам подалабоко во нејзините очи и дека можам душата да ѝ ја видам. Очите ѝ го изгубиле оној сјај. Веќе не ми наликува на безгрижно детенце. Иако беше возрасна откако ме вдоми, секогаш ме потсеќаше на безгрижните деца кои само љубопитно гледаат наоколу. Дури и веруваше дека можам да ги разберам нејзините емоции, но денес е некако премногу комплицирана. Почнува да наликува на возрасните.

Ја спушта раката на подот и ме граба со нејзините вештачки нокти. Седнувам во нејзиниот скут и само ја гледам во очи, трудејќи се да разберам што ѝ се случува. Празен ѝ е погледот некако. Не ме гледа со стариот сјај. Се што можам да видам во нејзините очи е една празнина. Толку голема празнина што не знам дали некогаш ќе успее да ја пополни некој. Можеби нема да успеам да ја пополнам ни јас. А што сум јас? Само еден обичен домашен мачор. Седам во нејзиниот скут и почнувам да ѝ ја чувствувам душата. Ладна ѝ е некако. Станала рамнодушна и веќе не се радува толку многу ниту на дождот, ниту на сонцето.

Душата ѝ станала калдрма. Целата ѝ е раскопана, а по калдрмата веќе не газат нечии чекори. Сигурно многу и значел тој некој кој не чекори веќе околу неа. Но таа можеби не знае дека не мора никогаш да го пушти. Тој некој, засекогаш може да го зароби во спомените. Засекогаш може да си го зароби во душата. Ја накрева чашата со бело вино и две солзи почнуваат да се тркалаат по нејзините образи. Едната успеа да ја дофати, но другата шлапна на моето крзно. Јас не сакам вода, не сакам ни какпка солза да капне на мене. Но нема да заминам од нејзиниот скут. Денес чувстувам дека ѝ требам. Чувствувам дека е некако празна.

Се трудам ја расположам некако. Почнувам да предам за да ѝ покажам дека сè ќе биде во ред. Таа чека некој, иако знае дека тој некој нема веќе никогаш да дојде. Некако чувствувам дека ова нема никогаш да ѝ мине, но со текот на времето таа ќе се научи. Ќе се научи да живее сама. Ќе се научи да го вреднува секој миг. Ќе научи повеќе да се грижи за другите околу себе. Ќе научи да не верува речиси никому. Ќе научи дека е сама и дека е силна како дива мачка, токму таква каква што сум јас.

Денес ќе ја оставам. Ова ќе мора сама да го преброди. Ќе мора сама да се избори. Чувствувам дека таа не направила ништо лошо, но како од сега натаму да знае дека е сама. На крајот знам дека ќе сфати дека и покрај што е сама силна е, дека може да се бори и дека еден ден сигурно среќна ќе е.

Лина Димоска

Напишете коментар